Агреадите - Agreadite
Friday, 27. July 2007, 05:39:53
ПЕРДИКА
Таткото на Историјата, Херодот [484 - околу 425, п.н.е.), цитиран според спомнатата книга од Шелдаров и Лилчиќ [Херодот, VIII, 137,138 и 139), раскажува:
"Седмиот по ред предок на овој Александар
(се мисли на Александар Први)
беше Пердика, кој го основа македонското кралство, и тоа вака:
Трите потомци Теменови:
браќата
Гаван,
Аероп и
Пердика
избегале од Apг во Илирија, а од Илирија,
навлегувајќи во Горна Македонија дојдоа во градот Лебаја.
Тука се вработија да служат кај кралот.
Едниот ги чувал коњите, вториот говедата, a најмалиот од нив Пердика, ги чувал козите и овците.
Беше тоа време кога и кралевите, а не само народот беа сиромашни и немаа пари.
Лебот го месеше и печеше самата кралица.
Ама, кога и да го печеше лебот за најмладиот, овчарот Пердика, тој секогаш двапати нараснуваше.
И откога тоа истото секогаш се повторуваше, му раскажа таа на својот маж за ова.
Штом кралот тоа го дочу, се сети дека тоа може да биде некој чуден знак и дека претскажува нешто важно.
Тој ги повика слугите и им нареди да ја напуштат неговата земја.
Овие пак му рекоа дека веднаш ќе си одат штом ќе ја добијат платата што ја заслужиле.
А кога кралот слушна дека овие бараат плата, многу се разлути и, бидејќи сонцето ги фрлаше своите зраци во куќата низ отворот на покривот каде минуваше чадот, им рече, бидејќи божеството го наведе на таа лудост, покажувајќи со раката на сонцето:
"Еве, тоа е платата што ја заслуживте и што ви ја давам.
" Гаван и Аероп беа вчудовидени кога ова го дочуа, а најмладиот брат, бидејќи случајно имаше меч рече:
"Се согласуваме, кралу, да го примиме тоа што ни го даваш", па со ножот го нацрта сончевиот зрак на куќниот под и, исцртувајќи го тоа, зафати трипати сончеви зраци во своето крило, па потоа отиде и тој и тие со него.
Кога тие беа веќе отидени, еден од кралските службеници му објасни на кралот зошто ова дете тоа го стори и со каква намера најмладиот брат веднаш го прими она што кралот му го даде.
А кога кралот тоа го слушна, многу се налути и прати по нив коњаници да ги убијат.
Во таа земја се наоѓа една река на која и принесуваат жртви потомците на бегалците од Apr, како на свој спасител.
И таа река,кога Теменидите минаа преку неа, толку силно надојде што коњаниците не можеа да ја минат.
А момчињата дојдоа во другиот крај на Македонија и се населија близу таканаречените градини на Мида, синот Гордиев, во кои раснат диви рози, од коj секоја има на себе по шеесет ливчиња и имаат поубав мирис од сите други рози.
Во тие градини, по раскажувањето на Македонците, беше и Силен заробен.
Откако се дофатија до таа земја, браќата тргнаа и ја покорија цела Македонија."
Како што гледаме, овде се опишани настаните кои му претходеле на доаѓањето на Пердика Први на власт во Македонија (околу 653 г.п.н.е.).
Првиот аспект од овој расказ се однесува на - лебот.
Овде гледаме дека главниот предзнак за станувањето македонски цар на Пердика Први, било нараснувањето на лебот што царицата го печела за него. Веднаш паѓа в очи фактот дека сето ова се случувало во градот чие античко име било - Лебаја!
Дали ова совпаѓање помеѓу името на овој град со нашиот збор леб може да биде само обична "случајност"?
Но, тоа не е се. Овде секако е и името на веќе споменатиот предок на тројцата браќа - Темен, што исто така претставува чист денешен македонски збор.
Интересно е и името на еден од браќата - Гаван.
Ова име можеби доаѓа од нашиот збор гавење, што значи: мамење (според Речник на Македонскиот јазик, Скопје, 1961, стр. 90).
Но, нема и понатаму да навлегуваме во тајните на ономастиката, туку само ќе потсетиме дека најголемиот број античко-македонски лични и останати имиња и називи до нашево време се стигнати речиси исклучиво преку нивната грчка транскрипција,така што ние не знаеме како тие и навистина тогаш се изговарале од страна на самите антички Македонци.
Но,дури и преку ваквата туѓа транксрипција, факт е дека немал број од овие имиња и називи, фрапантно се совпаѓаат со денешниве македонски.
Но, елаборирањето на овој проблем го оставаме за поглавието со личните имиња и останати називи.
Вториот аспект од расказот на Херодот се однесува на неговото сиже.
Имено, во сижето на овој расказ сосема јасно се препознава еден од најзастапените мотиви што подоцна ќе се јават во македонската народна приказна, а тоа е мотивот на "тројцата браќа" со посебно акцентирање на ликот на "најмалиот брат".
Најмалиот брат (Пердика) овде е тој што испаднал најрешителен и најсмел против дрскоста на царот и "најмалиот брат" всушност е главниот јунак на овој расказ од Херодот [без разлика колку овој расказ е делумно или целосно вистинит, ако се земе во обѕир дека Херодот живеел околу 200 години по случувањата што овде ги опишал).
Гледано од овој аспект, треба да истакнеме дека потполно истата состојба ја имаме и во македонските народни приказни запишани од нашите собирачи во 19. век [а секако и подоцна).
Имено, голем дел од овие приказни се посветени токму на "тројцата браќа", од кои "најмалиот брат" секогаш испаѓа најумен и најсмел, т.е. токму тој го решава проблемот што останатите двајца браќа не можеле [исто како што е и во расказот на Херодот за потомците Теменови).
Еден од најдобрите македонски познавачи на македонската народна проза Д-р Томе Саздов, проучувајќи ја содржината на најголемиот број досега запишани народни приказни кај нас, децидно тврди дека најчеста тема во нашите приказни се токму доживувањата на "тројцата браќа" и дека ликот на "најмалиот брат" е најзастапениот јунак во македонските народни приказни.
Притоа, Д-р Саздов пишува дека во овие приказни тројцата браќа обично биле социјално обесправени, но дека на крајот "најмалиот брат" ги решавал нивните проблеми, а дека во тоа честопати му помагале виши сили.
На стр. 44 од својата книга "Преглед на македонската народна проза" ["Култура", Скопје, 1981), Д-р Саздов, пишува: "Најпопуларен јунак во сказната е ликот на најмалиот брат, кој е стожер за нејзиното раскажувачко дејство...
Фактот што најмалиот брат секогаш излегува победник над сите негови непријатели, совладувајќи секакви тешкотии, треба да се толкува како своевидна апотеоза на подобрата иднина на работните народни маси..."
Споредувајќи го ваквото толкување на Д-р Саздов со содржината на расказот од Херодот, и споредувајќи го Херодотовиот расказ со содржината на повеќето македонски народни приказни за "тројцата браќа", наидуваме на неколку фрапантни суштински совпаѓање. Тие се:
а) Постоење на тројца браќа [кај Херодот - тројцата браќа Теменови)
б) Нивно работно угнетување и обесправеност [кај Херодот тројцата браќа
работеле кај царот без да добијат плата)
в) Најмалиот брат во главна улога,кој го решава проблемот [кај Херодот најмалиот
брат го избегнува отворениот судир со моќниот и дрзок цар, т.е. барем
привремено го одложува ваквиот судир, додека да избегаат)
д) Виша сила му помага на најмалиот брат [кај Херодот тоа е надојдената река,
која ја спречила потерата да ги стигне)
е) Најмалиот брат победува [кај Херодот станува цар на Македонија)
Секако дека ваквата подударност тешко дека може да биде обична случајност, па според тоа, многу веројатно е дека и ликот на "најмалиот брат" од македонските народни приказни ги влече своите корени од античко-македонските времиња, задржувајќи ја речиси во целост својата суштина.
автор-Александар Донски

Демостен во сите напади против Филип II велел: "Тој не само што не е Хелен ниту, пак, има нешто хеленско туку е барбарин од земја за која не би можел нешто убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил
Историјата на Аргеадите - првата македонска кралска династија која владеела со македонското кралство речиси половина милениум, е книга за најстарата историја и за посебноста на античките Македонци.
Тоа е периодот од создавањето на државата - на крајот на 8 век од старата ера, се до смртта на Александар Трети Македонски, Велики (323 година, стара ера).
За периодот на Аргеадите има најмалку литература, за разлика од времето на Филип Втори и Александар Трети, кои се вклучени во секоја историја на Хелените.
Сепак, благодарение, пред се, на археолошките, епиграфските и на нумизматичките изучувања, особено по откривањето на кралските гробници во Вергина (Кутлеш кај Ајга), последниве години изучувањата доживеаја своевиден процут, дискусии меѓу научниците, и тоа во прв ред за прашањето на етничката припадност.
Така прашањето за етничката припадност стана едно од најисполитизараните прашања во историската наука.
Оваа тема, како и останатите сфери околу уредувањето, религијата, институциите, културата и уметноста на Аргеадите, области кои досега беа занемарувани, се обработени во "Историјата на Агреадите" од проф. д-р Наде Проева, како прво историографско дело кај нас со детаљно и целосно прикажана историја на првата македонска кралска династија.
Проева вели дека од почетокот на изучувањата, ова прашање е погрешно поставено во методолошка смисла.
Наместо да се одговара на прашањето:
"Што биле античките Македонци?",
било поставено прашањето:
"Дали античките Македонци биле Хелени?".
Овој манир на современата историја довел до тоа античките Македонци долго време да се изучуваат како дел од хеленската историја. На пример, покрај тоа што во периодот од 338-та хеленските полиси потпаднале под македонска власт, нивната историја се уште се проучува во рамките на хеленската историја.
Податоците кај античките автори велат (Плутарх, на пр.) дека Хелените до крајот ја чувствувале власта на Македонците како нешто туѓо и надворешно.
Битката кај Хајронеја била пропаст за Хелените, вели друг извор кој додава дека по смртта на Александар Трети не бил кренат ниту еден бунт во Азија, а се побуниле само Хелените кои без нивна волја биле населени во Хиндикуш.
Карактеристично е што во хеленските извори, покрај тоа што Македонците јасно се обележуваат со нивното етничко име, тие постојано се обележувани и како барбари.
Најдоследен е Демостен кој во сите напади против Филип 2 велел: "Тој не само што не е Хелен ниту, пак, има нешто хеленско туку е барбарин од земја за која не би можел нешто убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил" (Демостен, Трета Филипика, 31).
Во врска со потеклото на македонската кралска куќа, изворите велат дека,
начелно, тие го признавале нејзиното хеленско потекло. Тоа го правеле како ќе им одговарало, за што говори и Херодот во епизодата за учеството на Александар Први Филхен на Олимписките игри:
"Кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање, не му допуштиле да учествува,
велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи барбари туку за Хелени. Кога Александар изјавил дека е Аргеец, му било признато дека е Хелен" (Херодот 5,22).
Оваа легенда за хеленското потекло на Аргеадите е резултат на пропагандата на Александар да го избрише проперсиското однесување во Медските, т.е. грчко-персиските војни.
Темата за името на античките Македонци во книгата на Проева започнува со
легендата за Македон.
Според легендите, Македон бил син на Зевс и Тија. Од запишаните верзии, се чини дека најверодостојна е онаа од македонскиот историчар Марсија, според која Македон бил син на Дион и Ајтрија. Ова покажува дека е направена така наречена хеленска интерпретација на македонската легенда, во која имињата на македонската брачна двојка (Дион и Ајтрија) се приспособени на хеленскиот јазик и митологија. Особено е впечатливо името на женското божество Ајтрија; што е, всушност, македонска глоса (збор) што значела "светло, јасно небо", та според тоа е јасно дека во случајов имаме небесен божески пар, со женска варијанта на врховното небесно божество.
Постојат повеќе легенди кои се приближуваат на хеленската митологија, па така преку легендите Македон бил вклучен во хеленската митологија, а Македонците во хеленската етничка група.
Ваквите легенди Проева ги објаснува со фактот дека Хелените со ова сакале да ја оправдаат и да и дадат легитимитет на колонизацијата врз другите народи.
Покрај тоа што и во античките извори е јасно посведочено дека македонскиот јазик значително се разликувал од хеленскиот, историчарите тешко можат да го докажат тоа.
Причината е во тоа што досега не е најдена ниту една единствена реченица на македонски јазик; сиот зборовен материјал со кој располагаме се состои од т.н. македонски глоси, односно македонски зборови кои биле запишани во делата на античките и византиските лексикографи, и тоа поради нивната занимливост и несекојдневност.
Античките извори даваат многу примери за различноста во македонскиот и хеленскиот јазик. Еден од нив е од Херодот кој жителите на Крестонија ги нарекува Пелгази, а нивниот јазик барбарски кој "се разликува од сите останати".
Друг пример од подоцнежниот период е од судењето на Филота во 330 година ст.е., кога тој решил да зборува на хеленски, за да го разберат оние што не се Македонци.
Сепак, се јавуваат и различни аргументи кои говорат во прилог на колебливоста во тезата за различноста на хеленскиот и македонскиот јазик. Некои историчари го цитираат фактот што Александар Трети, по освојувањата на Истокот, го прифатил заедничкото хеленско наречје за службен јазик во неговата држава. Но ова воопшто не треба да не изненади. Хеленскиот бил меѓународен јазик, прифатен и на Истокот и на Западот - јазик на дипломатијата, на кој со векови пред Александар Истокот комуницирал со Европа.
Значи, користењето на хеленскиот јазик било елемент на акултурација на барбарските народи (како што заклучува францускиот историчар П.Кабан), но никако не значело и губење на сопствените особености.
Меѓу сите специфики за кои досега не е доволно истражувано е и темата на религијата. Овде ќе споменеме само дека и во оваа област преовладува т.н. хеленско толкување. За македонската религија најчесто се говори на хеленски јазик и од хеленски автори. Тие често ги опишувале обичаите на народите во земјите надвор од хеленскиот круг, но не се обидувале да ги запишат изворните имиња на боговите, обичаите, народите, институциите. Наместо тоа, тие ги нарекувале со за нив соодветни имиња. Токму затоа и македонската религија е облечена во хеленско руво.Но, сепак, професорката Проева ни ги посочува најкарактеристичните примери кои говорат за разликите и во оваа област.
Божицата Ма е позната како кападокиска божица. Таа има војнички и соларен карактер. Освен во Кападокија и на Понт, култот на оваа божица е посведочен и во Македонија: во светилиштето во Едеса со повеќе од триесет написи, а една од трите досега пронајдени вотивни плочки е пронајдена во с. Претор кај Ресен.
Треба да се подвлече дека божицата Ма дефинитивно не е посведочена во Хелада, иако археолошките истражувања на почвата на денешна Грција траат повеќе од век и половина.
Беди е уште едно божество непосведочено кај Хелените. Тоа е божество на воздухот. Клемент од Александрија запишал дека беди е фригиски збор за вода, па оттаму се објаснува и топонимот Едеса во Македонија, преку словенскиот превод на името на градот Воден.
Дарон е македонско божество на кое му се молеле за болните.
Кај Пела е пронајдена посвета на ова божество.
Од култовите поврзани со обожавањето на природните сили, најраширен и најважен кај Македонците бил култот на Сонцето.
Соларната симболика не им била блиска на Хелените.
За разлика од нив, кај Македонците сончевата розета е еден од најчестите симболи.
Таа најчесто е претставена на македонскиот штит како и на монетите.
Најстариот пишан податок за овој култ го среќаваме кај Херодот кој ја раскажува легендата за потеклото на македонската кралска куќа на Аргеадите.
Раскажувајќи како од Аргос кај Илирите избегале тројца браќа - Гаван, Аероп и Пердика, па еднаш барале плата кај кралот, тој им рекол дека им ја дава нивната плата, покажувајќи на подот каде што паѓал сончевиот зрак од отворот на покривот.
Најмладиот брат рекол: "Го примаме, кралу, тоа што ни го даваш", притоа обележувајќи го местотона подот, заградувајќи ги зраците. "Три пати зацрпил од нив ставајќи ги во пазувите, а потоа тој и неговите браќа заминале" ( Херодот 8,137).
Со овој гест симболично се покажува боженското потекло на кралската власт, добиена од богот Сонце. Оттаму и Сонцето е симбол на кралската власт.
автор-др. Наде Проева

How to use Quote function: