Skip navigation.

Macedonian Civilization

Македонска Цивилизација - Truth about Macedonians

21 ЕПИСКОП - СТОЖЕРИ НА ЦРКВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ_02


ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА НЕ БИЛА ПОТЧИНЕТА НА ИСТОЧНИТЕ ПАТРИЈАРСИ И НА РИМСКАТА ЦРКВА

Византискиот Василевс Василиј II, во 1018 г. успеал да однесе победа над македонската држава и неа ја потчинил под своја власт, така што и Охридската архиепископија се нашла во рамките на византиската држава.
Во овој период, правната положба на Архиепископијата, нејзината диецеза, како и бројот на епархиите, главно, биле регулирани со повелбите кои Василиј II му ги издал на охридскиот архиепископ Јован.
Тие повелби се резултат од Струмичкиот мировен договор меѓу Василиј II и патријархот на Охридската црква Давид.
Со овој мировен договор освоените земји добиле одредена политичка автономија, а Охридската архиепископија ја задржала својата автокефалност.

Уште во првата повелба, издадена во 1019 г., на архиепископот Јован, се истакнува дека тој ќе управува самостојно со работите на Архиепископијата.
Што значи, пред сè, се гледа дека црквата ќе биде самостојна и во ранг на Архиепископија.
Тоа зборува дека по ранг таа била деградирана од Патријаршија во Архиепископија. Самостојниот статус на Охридската архиепископија уште појасно се забележува од воведните зборови на втората Василиева повелба – издадена во 1020 г. каде, покрај другото, се вели:
"...без да се нарушат границите и наредбите на оние кои владееле пред нас. Бидејќи откако станавме господар на оваа земја, ги зачувавме нејзините права ненарушени, откако ги потврдивме со наши хрисовули и грамоти".

Тие зборови во целост биле применети и за правата на Охридската црква,освен што таа била деградирана во Архиепископија, бидејќи како Патријаршија во Константинопол не ја прифаќале.
Со втората повелба на граѓанските власти изрично им се забранувало секакво мешање во работата на архиепископот и на нему потчинетите владици.
На управата од сите бранжи им се забранувало секакво мешање во економската дејност
на Архиепископијата, особено се забранувало да прават било какви пречки во економската дејност на манастирите, бидејќи порано имало такви престапи.
И не само тоа, туку царот отишол уште подалеку, така што од световните лица барал да го почитуваат архиепископот и да ги слушаат неговите зборови и морални поуки.
Тоа зборува дека со својата духовна власт архиепископот бил поставен над световната власт.
Царот отишол уште подалеку, па за непослушност предвидел и безмилосна царска казна.

ПРАВНА ПОЛОЖБА

Василевсот Василиј II имал повеќе причини на потчинетата Самуилова држава и црквата во неа да им остави широки права и привилегии.
На прво место, во дадениот момент на византискиот василевс му била многу важна и потребна лојалноста на Охридската црква, на која й сметал, па во тоа и лежат главните причини за дадените привилегии.

Тој сакал да се потпре на влијателното свештенство, бидејќи низ XI и XII век Охридската архиепископија била црква за сите народи на Балканот.
Второ, ако царот ја укинел самостојноста на Охридската архиепископија и ја ставел под
јурисдикција на Константинополската патријаршија, последната и премногу би зајакнала, што не му одело во прилог на царот и на неговата политика, подвластување и на црковните поглавари (т.н. цезаропапизам).

Да видиме што велат најеминентните извори за самостојноста на Охридската архиепископија.
На прво место, Михаил Деловски во своите додатоци на Скиличината хроника, кои потекнуваат од 1118 г., сосема јасно сведочи дека Василиј II, по освојувањето на Самуиловата држава, ја потврдил автокефалноста на Охридската архиепископија.
А Михаил бил владика Деволски и член на охридскиот Синод, така што одлично го знаел
правниот статус на црквата, во чиј Синод и самиот седел.
Тој имал можност да се запознае со сите документи, кои ја разјаснуваат историската и политичко правната положба и состојба на таа црква.

Никола - Нил Доксопатрид во својот труд "За патријаршките престоли", напишан за сицилијанскиот крал Рожер II во 1143 г., специјално нагласува дека Охридската архиепископија е автокефална црква, и во ништо не е потчинета на источните патријархати и на Римската црква.
А, Нил бил човек кој заземал највисоки функции во Византија и бил секретар на Константинополската патријаршија, потоа протосинѓел и номофилакс на државата, и како таков сведочи дека охридскиот архиепископ литургиски примал хиротонија од епископите
на својот Синод, а ракополагањето на секој новоизбран владика од епископите на својата црква, претставува најважен белег на автокефална црква.

Со тоа што во својот труд Доксопатрид ја ставил Охридската црква веднаш по источните
патријаршии и Кипарската архиепископија, која ја добила својата автокефалност уште со одлуките на Третиот вселенски собор во 431 г., посведочил дека таа не се наоѓала под власта на старите источни центри, туку била уредена како самостојна црква.

За правниот статус на Архиепископијата од голема важност е и сведоштвото на Теодор Валсамон, човек кој во Константинопол заземал високи функции и бил "ѓакон, номофилакс, хартофилакс и прв во Влахерна", а потоа бил избран за антиохиски патријарх.
Тој бил задолжен да изврши ревизија на Номоканонот во XIV наслови, кој бил званичен зборник на Источната црква.
Валсамон во Номоканонот ја внел 131 Јустинијанова новела, на која се темелат правата, привилегиите и самостојноста на Архиепископијата Јустинијана Прима.
А што се однесува, пак, до црквата која ги ужива правата и привилегиите на Јустинијана
Прима, не дозволува никакви сомневања, тоа е единствено Охридската архиепископија, на која Константинополската патријаршија й признала целосна автокефалност.

Списокот на охридските архиепископи т.н. Каталог, познат како Ди-Канжов, составен во втората половина на XII век, кој иако со одредени недоследности, барем од 1018 г. до 1157 г. во хронолошки ред ги регистрира охридските поглавари, со тоа што во него се внесени архиепископите кои енергично ја бранеле самостојноста на Архиепископијата, индиректно сведочи за автокефалниот статус на таа црква.

Во XII век, со доаѓањето на Јован Комнин на тронот на охридските архиепископи, самостојноста на Архиепископијата достигнала врвен подем.
Така, на Константинополскиот собор од 1143 г., тој архиепископ не седел со останатите
ерарси, туку со патријархот и со високите државни чиновници.

Исто така, на Соборот во 1156 г., свикан против еретикот Сотирих, Јован Комнин седел на почесно место.
На втората седница од овој Собор во 1157 г., седел веднаш зад патријарсите, а зад него седел кипарскиот архиепископ.
Тој присуствувал до крајот на Соборот и на соборскиот акт се потпишал веднаш зад патријарсите.
И на Соборот од 30.1.1170 г., охридскиот архиепископ зазел место меѓу патријарсите, а неговиот потпис се наоѓал веднаш зад нивните потписи, а пред потписот на кипарскиот архиепископ, кој отворено му дал предност.

ГРАДЕЊЕ МАНАСТИРИ

Како последица од развиеното монаштво, во XI и во XII век биле изградени голем број манастири.
Меѓу најпознатите се: "Св. Гаврил Лесновски"; "Св. Јоаким Осоговски"; "Св. Прохор Пчињски"; "Св. Јован Бигорски"; "Св. Ѓорѓи" (Горга) на реката Серава, Скопје; "Св. Архангел Михаил", Скопје, кој подоцна станал резиденција на скопскиот митрополит; потоа "Св. Богородица Троерачица", Скопје; "Св. Ѓорѓи", Полог; "Св. Богородица Елеуса", с. Вељуса, Струмица, подигнат од струмичкиот владика Мануил во 1080 г.; "Св. Пантелејмон", с. Нерези, Скопје, подигнат во 1164 г.; "Св. Богородица", Матејче; "Св. Ѓорѓи", Курбиново кај Преспа, подигнат во 1191 г. и др.

Иницијативата за градење цркви и манастири не потекнувала само од владетелите.
Некои од нив, од оправдани причини, дури настојувале да го ограничат бројот на монасите и на манастирите.
Манастири граделе охридските архиепископи, епархиските владици, обичните монаси, византиските провинциски управители, па и сиромашните христијани кои се здружувале.

Во Западна Македонија предност имало киновиското монаштво, додека монаси отшелници од македонско потекло се подвизувале во североисточна Македонија, меѓутоа тука било присутно и општежителното монаштво.

Во духовниот живот во Македонија, XI век е украсен со пустиножителите: Св. Гаврил Лесновски, Св. Јоаким Осоговски и Св. Прохор Пчињски додека, пак, кон средината на XII век, како маркантен пример се појавил Св. Иларион Мегленски, познат борец против богомилите.

ДОДЕЛЕНИ УШТЕ 13 ЕПАРХИИ

Диецезата на Охридската архиепископија низ XI и XII век била мошне голема, но воедно трпела и чести промени.
На почетокот од византиската епоха, бројот на епархиите и диецезата на Охридската црква биле регулирани со трите Василиеви повелби.
Така, со првата Повелба на Архиепископијата й се доделувале на управување следниве епархии: Охридска, Костурска, Главиничка, Мегленска, Битолска, Струмичка, Морозвишка, Велбуждска, Тријадичка (Софиска), Нишка, Браничевска, Белградска, Сремска, Скопска, Призренска, Липљанска, Србичка (Србица-Сефиџе).

Почетниот текст на втората Повелба зборува дека архиепископот му се обратил на царот со молба да му се доделат и другите епархии, кои порано й припаѓале на Охридската архиепископија, а со првата Повелба не й биле доделени.
Токму затоа следувала и Втората повелба, со која на Охридската црква й се доделиле уште 13 епархии и тоа следниве:
Доростолска (Силистра), Видинска, Рашка, Орејска, Чернишка, Химарска, Дринополска, името е испуштено, но веројатно е Вела, Бутринто, Јанинска, Козилска, Петра, Рига.

Со Втората повелба под непосредна јурисдикција на архиепископот се ставени Власите, населени по сите епархии на Архиепископијата, исто така, и Турците Вардариоти.
Со епархиите кои ги добила во Втората повелба, диецезата на Архиепископијата значително се зголемила, и неа ја сочинувале 30 епархии.

Архиепископот сметал дека уште не ги добил сите епархии кои Охридската црква ги имала во епохата на Самуил и повторно се обратил до царот, поради што следувала и Третата повелба, со која биле доделени уште три епархии: Сташка, Берска и Србица (Сервија).

Последната, Србица, й била доделена на Архиепископијата уште со Првата повелба, меѓутоа на неа претендирал солунскиот митрополит, па затоа повторно му се доделила на Охрид.
Што значи, со трите повелби на Архиепископијата й биле доделени вкупно 32 епархии. Сепак, диецезата која Охридската црква ја добила со овие повелби е помала од онаа која
таа црква ја имала околу 1000 година, кога Самуиловата држава била на врвот од својата моќ.

Доколку се прифати тезата, според која спомнатите повелби се фалсификат од 1272 г., што е многу тешко и што нема поддршка, сепак во тој случај диецезата на Охридската архиепископија се протегала на т.н. административна област "катепанат", подоцна "дукат", чие седиште било во Скопје.
Тој катепанат граничел со следните теми: на Исток со Македонија (Тракија) и Паристрион (Парадунавон) денешна Бугарија, на север со темата Сирмиум (Срем), на запад со Далматинската и Драчката тема, на југозапад со Никополската, а на југ со Еладската, Солунската и со Стримон (по должината на реката Струма).
Во тој случај диецезата на Охридската архиепископија била нешто помала, од онаа која ја изложуваат трите повелби.

Со текот на времето, поради честите политички промени и реорганизации, диецезата на Архиепископијата и бројот на нејзините епархии, биле подложени на чести промени.
Кога Василиј II (1025), како непосреден учесник во Струмичкиот мировен договор и архиепископот Јован (1037) г., на кого му биле дадени привилегиите, исчезнале од историската сцена, за Охридската архиепископија настапил потежок период, па и нејзината територија почнала да се намалува.

Така, на исток Архиепископијата наскоро ги изгубила Доростолската и Видинската
епархија, во полза на Константинополскиот патријархат.
На југозапад ги изгубила Чернишката и Орејската епархија во Албанија, додека на југ Архиепископијата ги изгубила: Веријската, Србичката, Јанинската, Сташката, Козилската, Петра и Рига.

За натамошните диецезални промени на Архиепископијата во XI и XII век, во изворите нема доволно податоци.
Сепак, постојат три списоци на епархиите, од кои првите два се речиси истоветни и
потекнуваат од времето на царот Алексиј I Комнин (1081-1118).
Во првиот список, во рамките на Охридската архиепископија се набројуваат следниве епархии: Костур, Скопје, Велбужд (Ќустендил), Тријадица (Софија), Малешево, Меглен,
Пелагонија, Присдриана (Призрен), Струмица, Ниш, Главиница, Браничево, Белград, Видин, Липенион-Липљан, Срем (Сремска Митровица.), Раса (Нови Пазар), Девол, Сланица, Гревена, Канина, Деври (Дебар), Влашка.

Наброени се вкупно 23 епархии.
Не се спомнува Охридската, меѓутоа најверојатно авторот ја подразбира, бидејќи
во неа било седиштето на црквата, што значи вкупно 24.
Во третиот список, исто така, се наброени 23 епархии и единствена разлика е што се спомнува Охридската, а не е во списокот Деволската.

Освен тоа, во овој список се дадени и античките и македонските имиња на градовите кои се седишта на епархиите.
Во кореспонденцијата и документите кои ни се зачувани од архиепископот Теофилакт, чиј понтификат хронолошки се совпаѓа со владеењето на царот Алексиј I Комнин, се спомнуваат 20 епархии, меѓутоа тоа не значи дека архиепископот ги навел сите и дека имало повеќе.

Поради зајакнувањето и проширувањето на државата Дукља (Црна Гора), некаде од средината на XI век па сè до средината на XIII век, рашката епархија, која била многу голема и се протегала и во цела Босна, влегла во рамките на Барската римокатоличка Архиепископија.

Од средината на XII век таа е приклучена кон Охридската архиепископија и со тоа
засекогаш била зачувана за православието.

За епархиите на Охридската црква во втората половина на XII век, во изворите нема доволно податоци.
Меѓутоа, судејќи според сè, од горе изложените состојби, сè до создавањето на второто Бугарско царство 1185/87 г., немало некои битни промени.

Паѓањето на Македонската држава под Римска окупација21 ЕПИСКОП - СТОЖЕРИ НА ЦРКВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ_03

How to use Quote function:

  1. Select some text
  2. Click on the Quote link

Write a comment

Comment
(BBcode and HTML is turned off for anonymous user comments.)

If you can't read the words, press the small reload icon.


Smilies