21 ЕПИСКОП - СТОЖЕРИ НА ЦРКВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ_03
Monday, 17. December 2007, 17:43:34
За време на царот Калојан (1197-1207), Охридската архиепископија се нашла во рамките на бугарската држава.
Меѓутоа, Калојан не посегнал по автокефалниот статус на Охридската црква, туку и ги оставил епархиите кои таа ги имала кога нејзиниот катедрален град влегол во неговата држава.
Иако во една држава, Охридската архиепископија не била потчинета на тукушто создадената Трновска архиепископија, но сепак во Охридската диецеза Калојан настојувал да го прошири бугарското влијание.
He ce познати никакви документи за одземање на автокефалниот статус на Архиепископијата ниту, пак, за негово повторно враќање подоцна, кога истата се нашла во рамките на Епирското царство.
По смртта на Калојан (1207), седиштето на Охридската архиепископија и неколку нејзини епархии се нашле во рамките на кнежевството на Стрез (1207-1214), чие седиште било во Просек (Демир Капија).
Во негово време положбата на Архиепископијата била исклучително поволна и може да се споредува со Самуиловата епоха.
Целите на световниот владетел и духовниот поглавар се совпаѓале, така што со заеднички напори настојувале да ги одржат независноста на кнежевството и самостојноста на црквата.
По смртта на Стрез во 1214 г, Охридската архиепископија влегла во состав на Епирското деспотство и тоа потрајало се до битката кај Клокотница во 1230 г, кога повторно се нашла во рамките на Второто бугарско царство.
ПОДЕМИ И ПАДОВИ
Хоматијан е најенергичниот и најспособниот архиепископ, кој седел на тронот на Охридската црква.
Тој е еден од петте најпознати црковни правници: Зонара, Арменопул, Теодор Валсамон, Матиј Властар и Димитриј Хоматијан.
Многу значаен настан од оваа епоха е создавањето на Српската православна црква. Имено, светогорскиот монах Сава (денес Св. Сава) заминал во Никеја и таму успеал да издејствува одобрение за создавање црква на српскиот народ и воедно и издејствувал автокефален статус.
Разговорите се одвивале во 1219 г. и завршиле успешно.
Св. Сава целосно ја заобиколил Охридската архиепископија и не се обратил до неа, иако епархиите на територијата на Србија биле под нејзина јурисдикција.
Поради тоа, од Охридскиот Синод следувало протестно писмо до никејскиот патријарх Геран, исто така, и до Св. Сава, а судејќи според се, тој не одговорил на протестните писма и спорот не завршил.
По овој настан односите меѓу двете цркви биле релаксирани само 10 години.
Имено, не станува збор за фрлање некаква анатема или било какви санкции од страна на Охрид.
По битката кај Клокотница во 1230 г. за време на бугарскиот владетел Иван Асен II, и самото седиште на Архиепископијата - Охрид, влегло во рамките на бугарската држава. Тогаш, во споредба со претходниот период, на одреден начин авторитетот на Архиепископијата почнал да опаѓа, меѓутоа не било посегнато по нејзината самостојност.
Сепак, се што Архиепископијата успеала да зачува во овој период се должи на нејзиниот енергичен архиепископ Хоматијан.
По обновувањето на Византија (1261), состојбата во Охридската архиепископија се нормализирала и се подобрила.
Условите во кои сега се нашла биле сосема слични од оние во средината на XII век, односно кога на охридскиот трон седел Јован Комнин.
Но, како тогаш, така и сега, изборот на архиепископот многу зависел од волјата на императорот.
Василевсите сакале во охридскиот архиепископ да имаат една главна поткрепа во спроведувањето на нивната политика кон подвластените народи.
Во односите со константинополскиот патријарх, охридскиот архиепископ и натаму бил самостоен и по чест го носел првото место по патријархот.
Според се, таквата правна положба на Архиепископијата во Охрид им одговарала и на византиските цареви, па затоа ги штителе нејзините права и интереси, особено од посегнувањата на локалните чиновници.
Така, за време на Андроник II Пелеолог - Постариот (1282-1328), дошло до израз мешањето на државните чиновници во работата на Архиепископијата.
Имено, по смртта на архиепископот или на некој од епархиските владици, граѓанските световни власти се вмешувале и располагале со управувањето со нивниот имот, се дури катедрата била непополнета, поради што доаѓало до злоупотреби.
Од 80-тите години на XIII век почнало интензивното ширење на српската средновековна држава кон југ, така што Архиепископијата, пред се, имала територијални загуби, дури на крајот, за време на Стефан-Душан - Силниот во 1334 г., под српска власт не паднал и катедралниот град Охрид.
Од тоа време не е зачуван некој посебен документ, кој би дал податоци за функционирањето на Архиепископијата, но се чувствува дека таа дејствувала во многу несредени и вонредни околности.
Во новата држава средувањето на црковните прилики како да почнало од 1345 г., кога бил освоен и најјугоисточниот град на Македонија - Сер.
Битно е што макар и номинално, Архиепископијата ја зачувала својата автокефалност.
Во државата, по ранг, на прво место била Пеќската патријаршија, потоа Охридската архиепископија и на трето место Скопската митрополија, која всушност прераснала во Архиепископија.
ОРГАНИЗАЦИОНО УСТРОЈСТВО НА АРХИЕПИСКОПИЈАТА
Административната управа на Охридската архиепископија, главно, била организирана по примерот на Вселенската патријаршија.
Свештенството се делело на висок и на низок клир.
Високиот клир го сочинувале архиепископот и епископите, додека нискиот: презвитерите, ѓаконите, како и сите монаси кои поседувале чин.
Понекогаш, особено во Византија, и ниското свештенство се делело на висок клир, во чиј состав влегувале презвитерите и ѓаконите, и на низок клир, кој го сочинувале: ипоѓаконите, чтеците, заклињачите и вратарите.
Денес, во поголемите црковни организации - патријаршиите има Архијерејски собор и Архијерејски синод.
Соборот е врвното законодавно тело на црквата, додека во Синодот свои членови делегира Соборот и тоа на одредено време, со ограничен мандат.
Синодот е еден вид извршно тело на Соборот.
Сепак, бидејќи најчесто соборите заседаваат еднаш во годината, додека Синодот многу почесто и при секоја потреба, се добива погрешен впечаток дека синодите се врвното управно тело, што не е точно.
Поради недоследноста на изворите и бројните противречности, кои се јавуваат кај истражувачите на ова прашање, како и заради недоволното познавање на правната проблематика, се добива впечаток дека во Охридската архиепископија управувал само Архијерејски синод (како што е денес во МПЦ.).
Чинам дека се правени грешки, и дека особено низ XI и XII век, Охридската архиепископија имала и Собор и Синод, a претседател на двете тела бил архиепископот.
Синодот е само застапник на Соборот на одредено време, или со други зборови Синодот е секундарен орган на еден примарен орган - Соборот.
На сите донесени акти само архиепископот го ставал својот потпис, а потоа следел печатот.
Само Соборот и Синодот можеле да ја донесат најтешката казна - лишување од свештенички чин.
Членовите на Синодот го сочинувале и духовниот суд на Архиепископијата.
Синодот ја носел титулата "Свети".
Поглаварот ја претставувал Архиепископијата пред останатите помесни цркви, како и пред граѓанските власти, со што бил и чувар на нејзината автокефалност.
Правата на епископ ги имал само во својата епархија и во ставропигијалните манастири, a ja носел титулата "светјејши" или "блаженјејши".
Диецезата на Архиепископијата била поделена на епархии, со кои управувале епископи. Според се, особено во XI и XII век, за разлика од другите помесни цркви, во Охридската архиепископија не постоеле митрополитски катедри, кои под своја власт би имале повеќе епископии.
Епископите ракополагале свештеници и поставувале монаси во нивните епархии, а ако било потребно и ги разрешувале од должноста.
Тие не можеле да ракополагаат свештеници во туѓи епархии.
Тоа право го немал дури ниту архиепископот, без дозвола на епархискиот владика. Епископот управувал со сите цркви и манастири во неговата епархија.
Владиците морале да бидат безбрачни.
За епископ можел да биде избран и свештеник, меѓутоа само ако од жената добиел согласност за развод и ако таа стапела во манастир.
Владиците се титулирале со "чесњејши" или "сесвештени".
Во својата епархија епископот бил поставуван засекогаш, и секое преместување се сметало за незаконито, меѓутоа во практиката имало и преместувања.
Епископските помошници во градовите прво го носеле името хорепископи, а подоцна протопопи.
Протојерејот бил заменик на епархискиот владика и требало да им биде пример на другите.
Свештениците и верниците биле должни да ги слушаат неговите наредби, како и тие на епископот.
Протојерејствата биле поделени на парохии (енории), во кои работеле свештеници и ѓакони.
Обично, владиката бил придружуван од протоѓакон, кој бил прв меѓу останатите ѓакони. Како пречки за свештенички чин се сметале вонбрачното раѓање, душевната болест и второ-брачноста.
Исто така, во свештенички чин не можел да стапи и кандидат кој по смртта на вереницата би се оженил со друга, но доколку починатата свршеничка била малолетна, тогаш кандидатот можел да стапи во брак и да биде ракоположен.
Парохот можел да богослужи во сите храмови во неговата парохија, освен во приватните, кои биле сопственост на феудалците, во кои понекогаш служеле свештеници, а тие му биле потчинети на феудалецот особено на економски план.
Врховната власт во секоја парохија му припаѓала на епархискиот владика.
Така, без знаење и дозвола на парохискиот свештеник, друг свештеник не можел да извршува служба во неговата парохија, а без знаење на епископот, свештеникот не смеел да го напушти работното место и да се оддалечи за подолго време.
На епископите, свештениците и на ѓаконите не им било дозволено да склучуваат било какви договори, да се збогатуваат со некоја нечесна и недостојна дејност, да држат кафеани, винарии итн.
По примерот на Вселенската Константинополска црква, во администрацијата на Охридската архиепископија имало 45 службеници, кои во Константинопол ги имало, а во Охрид не биле прифатени.
Исто така, потребите наложиле Охридската црква да воведе и некои должности, кои ги немало во Вселенската црква.
Во епохата за која станува збор, црковното судство било на многу висок подем.
Црковните судови, освен што суделе дела кои биле во рамките на црковното право, суделе и граѓански парници.
Црковна казна, пред се, им следувала на луѓе кои биле обвинети како еретици, полигамици и др.
За тешки еретички учења, кои создавале големи потреси во црквата и во државата, вината понекогаш ги надминувала компетенциите на црковните судови, така што таквите дела ги суделе граѓанските судови.
Таков бил случајот со отпаднатиот монах, кого Теофилакт бил принуден да го ослободи. Исто така, од таков карактер бил и судскиот процес кој во 1111 г. се водел во Константинопол против водачите на богомилите.
Охридската архиепископија поседувала две црковно-судски инстанци, и тоа архиепископска и епископска.
Архиепископската разгледувала судски дела, како и меѓусебни расправии на епархиските владици.
Архиепископскиот суд решавал и по молби упатени лично до него, без посредување на епархискиот епископ, меѓутоа тука архиепископот бил многу внимателен и водел сметка да не ги наруши правата на епархискиот архијереј.
Бројни примери со такви судски акти постојат од епохата на архиепископот Хоматијан.
Архиепископскиот суд имал многу широки компетенции, така што освен чисто црковните, брако разводните и дисциплинските дела, разгледувал и граѓански имотни парници, особено по наследство и приватна сопственост.
Пресудите од граѓанските парници имале само арбитрарен карактер, бидејќи немале принудна сила и нивното извршување зависело само од добрата волја на странките, на што најмногу ги поттикнувал авторитетот на Архиепископијата.
Во синодските акти на Охридската архиепископија од епохата на Хоматијан, името Македонци се спомнува во повеќе од 50 од нив.
Така, во документите (П. Но 72), се зборува за човек од село Власто кај Охрид и директно се нагласува дека тој по род е Македонец.
Како свештеници Македонци се спомнуваат:
Добре од Горни Полог, на служба во с. Ваниста;
Драгомир од Еахово, Скопско;
Владимир од с. Хоропанион, Прилепско;
Константин во с. Власто, Охридско;
како ѓакон Ѓорѓи Зајков во Охрид;
како чтеци Георгиј Влазни (Блаже) во Битола;
Михаил Зверја во Прилеп;
Михаил Берислав (местото не се спомнува) и др.
Ете, уште во првата четвртина на XIII век, архиепископ Грк и врвен црковен правник, во документи своерачно потпишани со негова рака, признава и зборува за Македонци, но за жал, и денес на почетокот од XXI век постојат сили кои го негираат постоењето на македонскиот народ и нација.
