МАКЕДОНСКОТО САМОИЛОВО ЦАРСТВО
Thursday, 2. August 2007, 20:06:39
Александар ДОНСКИ: Историјата не е само минато
Самоиловото Царство ги опфаќало речиси истите територии на античка Македонија од времето на Филип II Македонски!
Во руски "Словар" објавен во далечната 1896 година пишува дека комитопулот Никола и неговите синови кренале востание против Бугарија и дека потоа Бугарите биле избркани од Македонија која била прогласена како посебна држава.
Во овој текст ќе се потсетиме накратко на бурните настани што се одиграле во Македонија за време на македонското Самоилово Царство.
Почетоците на ова царство се навестуваат уште со ослабнувањето на Првото бугарско Царство под чија окупација тогаш се наоѓала Македонија. Имено, по смртта на бугарскиот цар Симеон, на чело на бугарскиот престол доаѓа неговиот син Петар. Притоа не треба да не бунат христијанските имиња на овие бугарски цареви, па да ги поистоветуваме нив со бугарските Словени (Анти). И Симеон и Петар си биле етнички турко-монголски Бугари, а најголем доказ за ова е фактот што цар Симеон е роден син на кнез Борис, кој пак е роден син на турко-монголскиот бугарски хан Пресијан, кој на времето жестоко војувал со Словените (Венетите). Значи, независно од тоа што цар Симеон дал значаен придонес во распространувањето на т.н. старословенски јазик (кој јазик Бугарите во писмена форма го добиле од Македонија), тој си бил етнички Бугаро-азијат и неговото семејство било принудено допрва да учи да зборува на т.н. словенски јазик.
МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ ПРОТИВ БУГАРИТЕ
Значи Симеон е наследен од својот роден син, бугаро-азијатскиот цар Петар и во негово време Бугарија значително ослабнува. Во 963 година во Македонија се крева востание од комитопулот Никола и неговите синови Давид, Арон, Мојсеј и Самоил, кои се отцепуваат од Бугарија. Во 968 година избувнува војна помеѓу Русија и Бугарија. Рускиот кнез Свјатослав во истата година ја пустоши Бугарија, но бргу се повлекува поради нападот на Печенегите на Русија. Ослабеното Бугарско Царство е принудено да се помирува со Византија, а како залог за мирот, царот Петар ги дава своите двајца синови Борис и Роман во Цариград. Но, во 969 година умира цар Петар, што доведува до безвластие во Бугарија. Византија го враќа синот на Петар Борис II за да ја превземе царската круна, но тој набргу се свртува против Византија. Сега Бугарија е сојузник на Русија против Византија, но доживува пораз од византиската војска, која бргу ја освојува бугарската престолнина Преслав. Несомнено дека Бугарија доживува пораз и поради нејзината ослабеност од претходното востание во Македонија. Царот Борис II е заробен и одведен во Цариград, каде јавно му е симната круната и истата е дадена на чување кај Црквата. По ова Бугарското царство е завземено од Византија.
На новата македонска држава прв владетел е комитопулот Никола, кој владее со оваа држава до 968 година. Од 968 до 977 на чело на државата е неговиот син Давид, но по неговата смрт, како и по смртта на Арон и Мојсеј, на чело на државата застанува Самоил.
Но дали има потврди дека комитопулот Никола и неговите синови го кренале своето востание против Бугарите? Мнозина историчари сосема јасно го потврдуваат ова.
Мислам дека ваквите сведоштва треба што повеќе да се експонираат во нашата поширока јавност. Така на пример, македонскиот историчар Васил Ивановски споменува една стара плоча најдена во Поречието, на која пишувало дека народот од тој крај го прогласил Никола за светец затоа што ги избавил од бугарското ропство!
Македонскиот историчар од Бугарија Ѓорѓи Радуле во својата книга Историја на Македонија (Софија, 1997) го цитира Енциклопедискиот словар (Брокгауз-Ефрон, Санкт Петербург), објавен во далечната 1896 година, каде пишува: Во 963 година во Македонија избувнало востание, кое завршило со прогон на Бугарите и со основање на сопствена држава.
Историчарот Марин Дринов пишува: Денешна Македонија се отцепи од царството на Петар и се формира како одделна држава на чело со Самоил. Значи, нема сомнение дека Самоил и неговите браќа со татко им го кренале своето востание во Македонија токму против турко-монголските Бугари, т.е. против бугарската окупација на нашата земја.
Подоцна, поради ова востание, Бугарија бргу пропаѓа под налетот на Византија. Во врска со Самоиловото царство ќе наведеме уште едно македонско детерминирање поврзано со него. Имено, во древната Зографска историја, за несогласувањата помеѓу братот на Самоил Давид со останатите браќа пишува: Бидејќи македонските господа не можеа да го трпат мирот, започнаа лошо да зборуваат (против Давид, з. м.). Кога тој разбра за тоа, доброволно се откажа од царствиото и замина во манастир.
Во еден претходен напис веќе спомнавме дека поетот Иван Кириотес уште во тоа време ги споменува Македонците како жители на Самоиловото Царство, а Дукљанскиот презвитер Самоил го нарекува како македонски цар!
Но да се вратиме на хронологијата. Натамошните настани зборуваат дека царот Самоил ја проширува Македонија и таа завзема поголем простор од Балканот. Според историчарот Радуле границите на Самоиловата држава во голема мера се поклопуваат со границите на античка Македонија од времето на Филип II.
Самоил во Преспа создава силен религиозен центар, кој подоцна е преместен во новата престолнина Охрид. Тоа е познатата Охридска архиепископија (која според некои историчари тогаш била на ранг на Патријаршија). Нејзин прв поглавар бил Герман, а името на вториот поглавар е Филип. Официјално писмо во Самоиловото царство е кирилицата. Самиот Самоил бил крунисан со благослов на папата Григориј V... Co крунисувањето Самоил стекнал меѓународно признавање. Тој ја наследил бугарската круна, а можна причина за тоа е што македонската круна веќе е зафатена од страна на Василиј II. Сепак, ако Самоил бил етнички Бугарин, припадник на турко-монголските Бугари, кои дотогаш владееле со Бугарија, тој својата престолнина би ја сместил во Плиска или Преслав, т.е. меѓу "своите етнички браќа". Понатаму, неговиот татко не би ја носел титулата комитопулот, туку некоја од тогашните турко-бугарски титули (кавхан, боил и сл.).
САМОИЛ0В0-ВИЗАНТИСКАТА ВОЈНА БИЛА БРАТОУБИСТВЕНА
За Василиј II некои историчари сметаат дека е потомок на етничките антички Македонци (за што и навистина има индиции да се тврди, ако се знае дека неговиот прекар бил "Македонски" и ако се знае дека тој се родил во темата Македонија, која, иако во голема мера се наоѓала во денешна Тракија, била населена сотаму преселените антички Македонци, поради што и го добила името Македонија), па ако се земе предвид фактот дека и во Самоиловото царство во тоа време живееле античките Македонци во соживот со т.н. Македонски Словени (Венети), не е далеку од вистината тврдењето дека тогашниот Самоилово-византиски судир всушност претставувал еден вид братоубиствена војна, водена помеѓу две различни држави во кои (барем во раководствата] доминирале припадници на истиот народ, од кој подоцна ќе произлезе денешната македонска нација. Но, за сето ова се потребни подетални компаративни истражувања.
Понатаму историјата зборува за жестоки борби помеѓу Самоил и Василиј II "бугароубиецот".
Денешната бугарска пропаганда го користи прекарот на Василиј за да тврди дека во Македонија тогаш живееле етнички Бугари, но колку е таквото тврдење бесмислено ќе покажеме со следните факти.
Како прво Самоиловото Царство рековме дека опфаќало поголем простор од Балканскиот Полуостров.
Следствено, во неговата војска имало припадници на многу народи кои влегувале во состав на неговото Царство.
Па зарем сите тие биле етнички "Бугари", штом се биеле и гинеле во борбите против Василиј "бугароубиецот"?
Секако дека е бесмислено и да се претпостави такво нешто, посебно ако се знае дека во тоа време под поимот "Бугари" во етничка смисла на зборот се уште се подразбирале само турко-монголските Бугари, кои немале никаква врска со Самоиловото Царство, освен што во него живееле како обични поданици и кои немале никаква етничка врска со населението во Македонија.
Како второ, Василиј II бил наречен "бугароубиец" поради тоа што терминот "бугари" (со мало "б") тогаш во Византија имал навредлива содржина за луѓе "варвари", кои, според византиските хроничари, биле под културното ниво на развиената и цивилизирана Византија. Затоа така биле наречени сите жители на Самоиловото Царство без разлика на нивната етничка припадност. Доказ за ова е и фактот што како "вулгари" или "бугари" (со мало "б", што значи – варвари) од страна на византиските хроничари биле наречени дури и босанците, иако тие живееле вон границите на Бугарија. Значи, според нив, и босанците биле "бугари", т.е. варвари и простаци штом живееле вон цивилизирана Византија. Значи терминот Бугари не секогаш се употребувал како етноним и не секогаш се употребувал во позитивна смисла, барем не од страна на византиските хроничари од времето на Самоиловото царство.
После овие сознанија, навистина не знам како не им е срам на големобугарските пропагандисти да се "гордеат" со ваквото негативно и потценувачко византиско детерминирање настанато како резултат на односот на Византија токму кон Бугарите, како и подмолно да се обидуваат ваквото навредливо детерминирање да ни го прикажат како "етничко".
Натамошната хронологија ни ги опишува веќе општопознатите факти, кои овде нема подетално да ги обработуваме: битката на Беласица и битките што и претходеле; ослепената Самоилова војска; обидите на Самоиловите наследниците да ја спасат империјата; византиската окупација на Македонија...
Инаку денес од повеќе историчари во светот Самоиловото царство е наречено како македонско.

How to use Quote function: