Сулинар Чашка Велешко
Friday, 3. August 2007, 06:13:53
АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ВО ВЕЛЕШКО
Откриени редок ранохристијански мавзолеј и темели од црква
Археолозите од Музејот во Велес евидентирале дека сите четири локалитети на кои работеле веќе биле "истражени" од диви копачи
Ранохристијански мавзолеј, римска цистерна, црква од 13 век и други интересни градби и предмети беа откриени со археолошките истражувања во околината на Велес, извршени во изминатите триесетина дена. Во четирите проекти работеа екипи од Велешкиот народниот музеј, со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Мавзолејот, единствен таков објект во Македонија, бил пронајден во локалитетот Сулинар-Чашка, а го сочинуваат комплекс од седум гроба.
- Врз основа на фрагментите од архитектонската декорација може да се претпостави дека мавзолејот е од 5 век. Монументалноста на градбата укажува дека бил сопственост на локален властелин. На подовите пронајдовме мозаици со цртежи на геометриски форми - изјави Ѓорѓи Петачки, археолог од Народниот музеј во Велес.
Вториот проект на кој работел Петачки било Калето на Стар Велес, населба што потекнува од римскиот период. Првичните претпоставки биле дека тука има цистерна за вода, но со откопувањето и пронаоѓањето влез и излез во објектот и гравиран крст во внатрешноста се утврдило дека станува збор за магацин. Подоцна, источно од него, биле пронајдени темели на уништена еднокорабна црква, живописана со фрески, чии остатоци укажуваат дека таа постоела во 13 век. По доаѓањето на Турците црквата била уништена. Фрескописот, чиј светец се уште не може да се прецизира, бил идентичен со црквата во Маркова Пештера, недалеку од Калето.
Другите два проекта се поврзани со наоди од праисторијата. Едниот од нив е духовен објект во месноста Манастир-Чашка. Таму биле пронајдени импозантен број садови, керамика, накит и метални предмети.
- Со кружните гробови, наредени во круг, овој локалитет е особено интересен. Таму биле кремирани починатите, а со нив оставени и нивните предмети. Пронајдовме ритуална секира, која потекнува од Североисточна Европа, но и сликана керамика што потекнува од Микена. Интересно е како овие две цивилизации се сретнале во овој крај. Верувам дека локалитетот и објектот се од бронзеното време - вели Трајанка Јовчевска, археолог.
Екипите од Музејот работеле и на заштитата на ритуален објект од младиот неолит 2 век пр.н.е. откриен во населбата Ѕунивер-Извор. Лани таму бил пронајден ѓердан од полускапоцени камења, редок примерок и за балканскиот регион.
Археолозите од Музејот во Велес евидентирале дека сите четири локалитети веќе биле "истражени" од диви копачи.
Петар Печков Дневник

How to use Quote function: