СКОПСКИОТ ЛОКАЛИТЕТ МАРКОВИ КУЛИ
Sunday, 5. August 2007, 06:37:41
ВОЕНОТО УТВРДУВАЊЕ НА ВОДНО ИМЕНУВАНО ПО ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНСКИ КРАЛ
Локалитетот Маркови кули претставувал воено утврдување со населба, за што говорат и откриените градби на источниот и на западниот дел од локалитетот. Интересен е апострофот кој се јавува меѓу овие два периода.
Имаме престанок на активност на населбата меѓу овие два периода од почетокот на VII па сè до IX век.
Тоа значи дека со навлегувањето на варварите од север престанува животот на населбите од цела Македонија.
На падините на Водно, на локалитетот Маркови кули и годинава беа извршени археолошки истражувања на македонско-американскиот тим од Музеј на град Скопје и "Комјунити Колеџ" од Сент Луис, Мисури, раководени од м-р Кире Ристов и проф. д-р Мајкл Фулер.
Од вкупно 12 сонди отворени минатата година, ова лето се истражуваа две, а уште толку се отворени на различни места.
Локалитетот Маркови кули е откриен во периодот 1952/1954 година, а некои информации кажуваат дека уште Артур Еванс, англиски археолог и патеписец, при крајот на XIX и почетокот на XX век кога престојувал во Скопје, забележал повеќе локалитети, меѓу кои е и Маркови кули.
Првите истражувања се направени дури во 1975/1978 година од страна на Музеј на град Скопје.
МРАЧЕН ПЕРИОД
Во тоа време во Македонија имало малку археолози и интересот им бил насочен кон откривањето некрополи за збогатување на музејските збирки.
Тогаш (1975/78) се направени првите сондирања, кога и е констатирано дека локалитетот потекнува од IV до VI век од нашата ера, доцноримски период.
Со тие истражувања откриен е уште еден хоризонт на живеење - среден век, кој датира некаде од IX до XI, XII и XIV век од нашата ера.
"Интересен е апострофот кој се јавува меѓу овие два периода.
Имаме престанок на активност на населбата меѓу овие два периода од почетокот на VII па сè до IX век.
Тоа значи дека со навлегувањето на варварите од север престанува животот на населбите од цела Македонија.
Тој период е познат како мрачен период.
Со навлегувањето на овие племиња добиваме една нова културна сатисфакција, ново културно милје.
Племињата го носат оној номадски начин на живот и се населуваат во низините, го освоиле овој простор, но не на начин да владеат со него, туку со цел да се населат.
Овој мрачен период уште го викаме и праисториски затоа што тие ја уназадиле културната вредност на одредени обичаи", вели м-р Кире Ристов.
Не е познато како се викал тој град пред да биде наречен Маркови кули, топоним кој во историјата доаѓа подоцна.
Маркови кули доаѓа од сознанието дека Крали Марко бил еден од главните бранители од Османлиите и бил последниот крал на Македонија кој Македонците го запомниле. Кралот Марко е синоним за храброст, за вредност, за одбрана на македонското население и поради тоа многу места се наречени со неговото име.
ЕНИГМА
"Но, сепак - објаснува м-р Ристов - овде не нè интересира толку топонимот колку што нè интересира што ќе откриеме на него, односно културните остатоци од него. Станува збор за едно силно утврдување со одбранбен ѕид и кули, кои имале цел да го штитат сè она што се наоѓало внатре, односно населбата.
Годинашниот приоритет на истражувањата е дооткривањето и конкретизирањето на северниот бедем на локалитетот кој, за разлика од другите на кои им се знае трасата, е најмалку истражуван.
Во внатрешноста на една од двете познати цистерни за вода до северниот ѕид, работиме на отворените три сонди, а и тука, како и на другите места на локалитетот, откриваме голем број содржини како движни наоди - накит, монети, оружје, фибули, предмети од градежни конструкции, многу керамички материјали.
Откривме и делови од придружни објекти на бедемот, претпоставувам простории за живеење на војската, за живеење на нивни семејства, меѓутоа сè уште немаме конкретни податоци да го потврдиме тоа.
Досегашните проучувања упатуваат на воено утврдување, но сè уште не сме сигурни дали тука бил сместен и некој град.
Очекувам со завршувањето на истражувањата во наредните година-две дефинитивно да дознаеме за што се работи.
Не знаеме што сè се крие во централниот, источниот и во јужниот дел на локалитетот, бидејќи таму сè уште не е истражувано, но не е исклучена ниту можноста во ова утврдување луѓето во минатото да наоѓале привремено прибежиште, бегајќи од воени напади.
Целата Скопска котлина била населена во римскиот период, а на одредени специфични места се правеле утврдувања со цистерни за вода, кои служеле како
собиралишта при опасност од напад.
Мислам дека на овој простор не можело долго да се живее, поради самата
конфигурација на теренот.
Но, уште е рано да се говори за конкретни резултати".
Американскиот тим кој работеше заедно со македонскиот, методолошки многу добро ја познава работата, меѓутоа сè уште културната историја на овие краеви не им е доволно откриена.
"Глобално го познаваат периодот, меѓутоа во римско време Римјаните владееле со овие простори, но народот бил автохтон, домашен и си имал свои обичаи кои Римјаните не ги нарушувале.
При нашите истражувања доаѓаат до израз токму тие традиции кои од праисторијата дури во текот на Римската империја дошле до израз.
Со дивите копачи досега сме немале проблеми затоа што народот знае да ги цени културните вредности на скопскиот крај за да може да ги процени и да ги осознае своите традиционални културни вредности", додава м-р Ристов.
Локалитетот Маркови кули од минатата година е презентиран и на веб-страницата поставена од страна на американските партнери во тимот.
Таа ќе биде дополнета и со најновите резултати, а на крајот од истражувањата се планира и публикување на резултатите на македонски и на англиски јазик.
PLEASE NOTE: To view this website you will need at least
Flash Player 8 and to have to JavaScript enabled — thank you!

How to use Quote function: