Ulanci Gradsko
Sunday, 5. August 2007, 12:25:37
ОВАА НЕКРОПОЛА КОЈА СЕ ИСТРАЖУВА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ГИ ПОБИВА ТЕЗИТЕ ДЕКА БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ НА ОВИЕ ПРОСТОРИ БИЛ МРАЧЕН ПЕРИОД, ДАВАЈЌИ ДОКАЗИ ЗА СИЛНИТЕ ВРСКИ СО МИКЕНСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
Некрополата "Димов гроб" која се наоѓа кај селото Уланци, во близина на Градско, следната недела ќе се доистражи, а со тоа во македонската археологија ќе биде запишана како единствена комплетно истражена некропола од Бронзено време."Оваа праисториска некропола, една од ретките на Балканот според начинот на погребување, интензивно се истражува во последните пет години. Преку неа за првпат се воочуваат микенските влијанија во тој период на овие простори", вели раководителот на истражувањата, вишиот кустос и археолог од Музејот на Македонија, Златко Видески.
Тој објаснува дека со мали прекини, поради скромните финансии кои се доделуваат за Уланци, но во континуитет, локалитетот се истражува од пред една деценија.
Ова е значаен чекор за македонската археологија, бидејќи се затвора едно мрачно поглавје од нашата историја во кое се сметаше дека во овој период овие простори биле неразвиени и пусти.
Со истражувањето на оваа некропола докажавме дека станува збор за временски период во кој биле воспоставени значајни врски со првата развиена цивилизација во Европа - микенската.
Последните години откриени се над 100 гробови, собран е вреден археолошки материјал, откриени се богати женски погребувања, вистински микенски керамички сад со кои се збогатува македонската археологија.
Среќни сме што овој локалитет комплетно ќе се доистражи, бидејќи така конечно ќе се застане на патот на дивите копачи. А, и голема предност е што станува збор за мала некропола, додава Видески. Пронајдените предмети по теренската конзервација, се носат во Музејот на Македонија, каде ќе се конзервираат и најзначајните ќе се подготват за изложување. Некрополи од овој тип има во Повардарието, во Демир Капија, Вардарски Рид, но како што вели Видески, тие се случајни наоди и не се целосно истражени.
Годинава за истражување на некрополата од Министерството за култура се доделени 150 илјади денари. Видески, кој на теренот работи заедно со археолошката поддршка на Страхил Темов, смета дека тоа е незначителна сума и тие средства биле доволни само за работа во траење од еден месец.
PLEASE NOTE: To view this website you will need at least
Flash Player 8 and to have to JavaScript enabled — thank you!

How to use Quote function: