Skip navigation.

Macedonian Civilization

Македонска Цивилизација - Truth about Macedonians

Потрага по раскошниот град на Јустинијан


По најавата за археолошки истражувања на скопското Кале Потрага по раскошниот град на Јустинијан
Можно ли е една од најголемите загатки од минатото на Европа да биде разрешена среде Скопје?
Нове ЦВЕТАНОСКИ

По двовековни обиди на многу истражувачи, македонските археолози и историчари ќе се обидат да ја разрешат една од последните големи загатки од минатото на Европа - да го пронајдат раскошниот град Јустинијана Прима што го изградил императорот Јустинијан во шестиот век. Потрагата нема да почне на никое друго место туку на - скопското Кале!

Многу индиции укажуваат дека загадочниот град постоел токму на Калето, па деновиве во Собранието на Скопје беше обелоденет грандиозниот истражувачки проект што ќе го водат струњаци од Музејот на Македонија и од Филозофскиот факултет во Скопје, а работите ќе почнат на пролет. Всушност, по каков град ќе се трага на тврдините во центарот на Скопје?

Јустинијана Прима бил изграден во шестиот век од императорот Јустинијан , за кој постојат податоци дека е роден во Таурисион, каде што се наоѓа денешното село Таор во Скопско. Откако дошол на власт, во чест на својата мајка решил да изгради раскошен град. Според неговиот личен биограф и историчар Прокопиј, царот Јустинијан сакал да му се оддолжи и на своето родно место и го изградил овој град - споменик. Бил наречен Прима (Прва), бидејќи владетелот сакал овој град според убавината и раскошот да биде прв, односно водечки град во земјата. Всушност, тој станал и архиепископско и управно седиште на големата префектура Илирик, која се протегала од Дунав па до Крит. Меѓутоа, по смртта на Јустинијан во 565 година значењето на градот се намалува, му се губи сјајот, а потоа, од почетокот на седмиот век, и трагите. И токму затоа, поради кусото (неколкудецениско) постоење, има малку податоци за него и станува загадочен.

За откривањето на местоположбата на овој град, кој бил голем, богат и значаен, има неколку претпоставки (во Јужна Србија, Охрид, Ќустендил), но најсигурните претпоставки, кои се засноваат врз научни сознанија, е дека тој се наоѓал на територијата на денешно Скопје. Прво, ако Таурисион (Таор) е родното место на царот, логично е тој градот во чест на својата мајка да го изгради во непосредна близина. Второ, и хроничарот од тоа време Прокопиј наведува дека градот се наоѓал мошне близу до тврдината наречена Бедеријана, (денешно Бадер во Скопско), каде што имало место по име Таурисион. Потоа и познатиот англиски научник сер Џон Артур Еванс (кој ја открил минојската цивилизација на Крит, а во минатиот век престојувал и во Скопје) и Хан тврдат дека Јустинијана Прима се наоѓал во близината на античкиот град Скупи. Градот е наследник на епископијата Скупи, преземајќи ја нејзината јурисдикција, а последниве години македонските археолози открија и материјални остатоци (тврдини) од шестиот век кај денешните скопски села Таор и Бадер. По уривањето на Скупи од земјотресот во 518 година, набргу во негова близина е изграден нов град - значи многу веројатно Јустинијана Прима, и за таа намена од Скупи е пренесен репрезентативниот градежен материјал, што е констатирано и од досегашните ископувања на Скупи. Како што наведува професорот Иван Микулчиќ, многу столбови и капители, довратници и надвратници, скалила, делкани блокови, украси од фасадите, односно само од театарот околу две илјади големи камени блокови се однесени по земјотресот во 518 година, време што се совпаѓа со градењето на Јустинијана Прима. А многу блокови, римски стели, ари, столбови, повторно употребени, и денес се гледаат вградени во ѕидот на Калето. Челниот ѕид на Калето ја делел акрополата од станбениот простор - претпоставената Јустинијана Прима, ѕидот е обложен со повеќе илјади травертински блокови, а специфичниот преплетен слог овозможил да ги издржи сите војни и земјотреси во последните 1.400 години. Според сознанијата што ги презентира Микулчиќ, ваков градежен слог потекнува од шестиот век. Тој вели дека во средновековниот град Скопје постоеле повеќе од дваесет цркви, потврдени со пишани документи. Ниту една од нив се уште не е откриена. Но, при ископувањата за комунални потреби во Скопската чаршија, е увидено дека јадрото на стариот град лежел на просторот меѓу Калето, Мустафа - пашината џамија, црквата Св. Спас, обиколен исто со одбранбен ѕид. Под него се ширела неукрепена чаршија. Забележаните цркви укажуваат дека тие биле градени во голем дел врз веќе постари урнати цркви, несомнено врз локацијата на Јустинијана Прима.

И тврдината Маркови Кули на источната страна на Водно, истражувана од 1976 до 1980 година, е изградена во шестиот век, најверојатно за потребите на раскошниот град на Јустинијан - како последна негова одбрана. Освен тоа, аквадуктот (римскиот водовод) што се наоѓа северно од Калето (кај Визбегово) е со градежни карактеристики кои потекнуваат од крајот на антиката, а како голема и скапа инвестиција се поврзува со градот на некогашниот император од Таор, кој многу веројатно лежи под земјените наслаги некаде во центарот на Скопје. И тоа не некаде под денешните бетонски станбени блокови, туку на Калето.

Дали конечно Скопското Кале ќе биде привлечно не само за прошетка на скопјани, туку и за македонските истражувачи и за домашната и меѓународна археолошка и воопшто историска наука? Веќе два века се трага по Јустинијана Прима. Французите, заедно со своите српски колеги, учествуваа во ископувањата на Лебане во Јужна Србија, каде што некои претпоставуваа дека можеби се наоѓал овој град, но со никакви докази не ја потврдија својата претпоставка. И за другите претпоставени локации засега нема никакви докази. Единствено има за Калето. Некои од нив датираат од поодамна, но во изминативе два века откако се интересираат научниците, не беше можно да се истражува на оваа локација. До првата балканска војна на Калето беше стационирана турска војска, а потоа југословенската воена команда, се до 1953 година. Сега Македонија има доволно стручњаци за еден грандиозен истражувачки зафат, но има поддршка и од градското собрание. Засега сосема доволно да се почне потрагата по раскошниот град на Јустинијан, за кој е многу љубопитна и европската наука. И навистина, можно ли е да ни се случи една од најголемите загатки од минатото на Европа да биде разрешена среде Скопје?


My Google Pagerank

Јустинијан Први ВеликиНакит

How to use Quote function:

  1. Select some text
  2. Click on the Quote link

Write a comment

Comment
(BBcode and HTML is turned off for anonymous user comments.)

If you can't read the words, press the small reload icon.


Smilies