Документи-Кратово
Friday, 12. October 2007, 12:34:13
Македонија импресионира не само со богатото археолошко, природно и друг вид наследство, туку и со богато архивско и библиотечно наследство.
Пред неколку години, д-р Душко Алексовски, доктор на Филолошки науки, докторант на археологија и палеолингвиситика и претседател на Светската академија за карпеста уметност открил вреден архивски материјал кај приватно лице, чиј близок роднина бил определен непосредно по завршувањето на Првата светска војна да го уништи овој материјал што се однесува на самобитноста на македонскиот народ.
Овој човек, како што ни рече Алексовски, по потекло од Македонија, осознаен Македонец, ризикувајќи го својот живот, успеал да сокрие еден дел од писмата на војниците од кратовскиот крај кои биле цензурирани и запрени за натамошна испорака, бидејќи биле пишувани на кратовско наречје.
ПИСМА ПИШУВАНИ НА КАРТОНСКА КУТИЈА ЗА ЧЕВЛИ
Веднаш по ова сознание, според зборовите на д-р Алексовски, тој, како што секогаш практикувал во својата долгогодишна работа, ја информирал јавноста и официјалните
служби на Република Македонија,како што е Министрерството за култура и Министерството за образование и наука, но никој не се заинтересирал за судбината на овој вреден архивски материјал.
Добив впечаток како да не постојат никакви државни институции заинтересирани за трагичната судбина на македонскиот народ во виорот на, не така далечната Прва светска војна, во која најмногу страдаше вечно напатениот и секогаш жртвуван македонски народ, вели д-р-Алексовски.
Она што импресионира во дел од писмата и картичките што нашите војници ги упатувале до своите родители во Македонија од затворот во Австрија, е фактот дека на дел од тие писма како држава, место Бугарија, како што стои во дел од писмата, стои Македонија!
Меѓу документите е и една картичка упатена од Солун до Господин Георги Теодосов во Кратово од 1901 година.
Во писмото се информира за афионски семенски материјал што може да се набави на пазарот во Солун.
Исто така, за одбележување е и оригинален документ од 28 ноември 1905 година, без потпис на лицето што го составило документот.
Писмото е пишувано со латиничен алфабет, но можно е јазикот на кој е пишувано писмото да е турски.
ПРЕДИЗВИК ЗА ИСТОРИСКАТА НАУКА
Меѓу овие документи, додава д-р Душко Алексовски е и оригиналниот документ пишуван од кратовскиот ученик од IV клас, Владимир Цимчев Ефремов, кој се потпишал на документот, a ce однесува на убиените комити во четата на војводата Никола Дечев, кој загинал во селото Луково, близу Кратово.
Тука е забележан и точниот датум на загинувањето на познатиот војвода Атанас Бабата, кој со своите комити загинува во селото Пендаќ, на врвот на ридот Видим, Кратовско.
Според д-р Алексовски, бисер во овие документи секако е оригиналното службено писмо упатено од Штабот на 3-та Македонска бригада од 20 октомври 1915 година, од Штип до лицето Бидиков од Штип.
Писмото е упатено во име на командирот на 3-та бригада од 11 -та Македонска дивизија. Писмото е потпишано од полковникот - потпис нечиток и началникот на разузнавачката секција, капетан - потпис нечиток.
Ова, вели тој, може да биде голем предизвик за историската наука.
Инаку, како што ни објасни Алексовски, писмата се запирани заедно со парите што родителите ги упатувале до своите деца, војници, учесници во Првата светска војна.
Инаку, како што не информираше Алексовски, збирката содржи 260 писма, 60 картички и неколку документи.
Кога пред неколку години за прв пат биле откриени документите и било објавено во јавноста, збирката содржела 1.426 (илјада четиристотини дваесет и шест) писма, 482 картички и бројни други документи, а сопственикот ги продавал за 12.000 американски долари.
Сега, кога голем дел од архивскиот материјал е отуѓен, за материјалот што се уште е на располагање тој барал 3.000 евра.
За жал, вели Алексовски од секаде каде што се обраќавме за откуп:
Министерството за образование и наука, Министерството за култура не добивме ниту одговор на нашите писма.
Би била вистинска загуба за Македонија доколку овој преостанат дел од овој архивски материјал не биде откупен и депониран во некоја од институциите на државата.
Доколку добро се организира институцијата која ќе ја откупи оваа збирка, преку организирано претставување во облик на подвижна изложба може многу брзо да ги врати своите 3.000 евра и може многу брзо да почне и да заработува, вели на крајот д-р Душко Алексовски.
Р.Т.

How to use Quote function: