Македонски имиња на места во Албанија
Saturday, 3. November 2007, 00:07:27
Коста Пеев - Истражување
Според истражувањата на рускиот професор А. Селишчев, во околината на Скадар албански називи на места има малку - на 40 словенски називи доаѓаат само 4 албански, а вкупно во неговата книга има околу 1.200 називи со словенски корен
Меѓу најпознатите странски слависти што ги истражувале македонските дијалекти е и рускиот професор од универзитетите во Казањ и Москва Афанасиј М. Селишчев. Иако основната наставничка дејност на универзитетите им била посветена на старословенскиот јазик и на споредбената граматика на словенските јазици, сепак Селишчев се определил и им посветил сериозно внимание на истражувањата на македонските дијалекти. За таа цел, наскоро откако стапил на Универзитетот во Казањ, во 1914 година тој дошол во Македонија, и безмалку три месеци останал и ги истражувал северните македонски говори, особено оние во Тетово и Тетовско. Богатиот материјал собран директно на теренот во северна Македонија тој го објавил во следната 1915 година, под наслов "Ученне записки Казанского университета".
Како комплетен научен истражувач на македонските говори, тој своите белешки ги дополнувал со писмени извори (записи) од истиот терен, а особено како исходиште го користел "Четиријазичникот" на Данаила. Резултатите од односниве широко поставени активности Селишчев ги објавил во книгата "Очерки по македонскоо диалектологии", том 1, Казањ, 1918 година.
Книгата "Славвнское население в Албании", се појави во Софија во 1931 година. Таа претставува капитален дијалектолошки и ономастички труд во кој многу вешто, со мајсторство на филигранство се испреплетени податоци извлечени од различни историски, географски, етнографски, фолклорни и други извори. Човек не може а да не му се восхитува на авторот за трпението и самодисциплината заложена во толку исцрпниот преглед не само на основната задача - претставување на дијалектолошките посебности на словенското население во централна и јужна Албанија (демонстрирани особено со топономастички материјали на фонот на албанскиот елемент), туку и на анализата на многу студии, што навидум имаат само малку допирни точки со основната задача, и коишто навлегуваат во сферата на албанската, грчката, турската, ароманската, српската и бугарската јазична и културна традиција.
Кон почетокот на 19 век јужниот дел од Албанија го држел Али Паша, кој фактички бил независен од турскиот султан. Неговиот терор од јужна Албанија се проширил и на југозападна Македонија. Во периодот што следува, особено во втората половина на 19 век кај извесни кругови од градското албанско население се јавила, а наскоро и се засилила идејата за автономна Албанија. Гледајќи во тоа можност за реализација на лични интереси, извесен број претставници и агенти од државните власти од Австрија, Франција, Италија и др. настојчиво и јасно ја поддржуваат мислата за автономија (на Албанија).
Споменатиот стремеж на Албанците наоѓа силен израз во Албанската лига востановена 1878 (-1881), којашто имала не само политичко значење, во смисла на создавање политички услови за бараната делумна самостојност, односно автономија, туку си поставила за задача да дејствува пошироко врз етничката свест кај Албанците, во тоа особено предничи Призренскиот комитет.
Таа дејност, меѓу другото, била насочена и кон создавање на религиозна нетрпеливост кон немуслиманското население, нетрпеливост којашто неретко била подигната до ниво на фанатизам и омраза. Лигата барала автономија за Албанија во просторот од северна и Јужна Албанија, Епир, Стара (Јужна Србија) и делови на Македонија до Воден (на југ), со центарот во Охрид или Битола. Во прво време оваа идеја за голема Албанија имала поддршка од турската власт, но наскоро таа сфатила дека овие апетити на Лигата може да им наштетат на турските интереси.
Плашејќи се од негативните последици на желбата за голема Албанија, рускиот конзул И. Јастребов во опширниот извештај од 5 јули 1879 год., покрај другото укажува дека: доколку на Албанската лига и на Призренскиот комитет им се остави широка можност за реализација на нивните апетити тогаш: "на словенскиот свет ќе му се нанесе голема неправда. Тогаш Црна Гора ќе треба да престане да мечтае за тоа дека нејзините граници треба да стигнат до Дрим; Србија ќе биде принудена засекогаш да се прости од Стара Србија, Призрен, Дечани, Ипек, Качаник, Приштина и сето Косовско Поле ќе станат дел од Албанија, Македонија исто така ќе мора да се лиши од голем дел од своите словенски народни населби во корист на споменатово Албанско кнежевство".
Интересно е и зачудува фактот дека ова предвидување, односно стравување е искажано уште кон крајот на предминатиот век. За состојбата и притисоците на кои било изложено македонско население ќе илустрираме со еден документ, писмо од селаните од село Бучин до кајмакамот Раиф-ефенди (од 8 јануари 1876):
"Славен Мудур-ефенди
Ние, бедната раја, Ви се поклонуваме Вам, што Ве испрати нашиот господар (Бог), да не заштитувате од секое зло и неправичност. Вие сте должни да не спасите од злочинците... и затоа со солзи на очите Ве молиме да не избавите од уништувањето. Ние не смееме да останеме дома, ниту смееме да излеземе од куќата надвор. Не смееме да отидеме на пазар, ниту во шумата за дрва. Ние не господариме ниту со жените, ниту со ќерките, ниту со овците, ниту со коњите, ниту со воловите, ниту со житото, ниту со градините, ниту со лозјата, ниту со црквите, ниту со водениците итн. итн. Ние сето тоа треба да го продаваме за да им дадеме пари на злочинците... Ние покорно молиме да не спасите или да ни испратите царска војска за да не убие, или да ни наредат да го продадеме селото и да се преселиме на друго место, бидејќи не можеме повеќе да ги поднесуваме неправдите што ни се прават".
Сепак повеќевековното блиско живеење на македонското и албанското население во Албанија, иако не секогаш најдобронамерно, оставило силни траги, во смисла на заемна проткаеност на елементите во културно-општествените односи. Многубројните словенски зборови во албанскиот јазик недвосмислено свидетелствуваат за тоа воздејство, во овој случај на Словените врз Албанците. За високиот степен на меѓујазичните контакти евидентно се заклучува со анализата на голем број лексички единици во албанскиот јазик во кои среќаваме образувања според словенски модели, односно се забележува присуство на продуктивни словенски суфикси: - ник, -ец, - ица, -ка, иште и др. Сп: fisik "благородник" (fis=род), bes-ik = besєtar "верен", тој што дај збор, бесњаа (besє = вера, гаранција, заклетва), gomar-itsє магарицаа (гомар = магаре), rap-iste место со високи дрвја, платании (rap=платан, чинар).
За обратното влијание: од албанскиот врз словенскиот јазик, односно врз македонските говори во Албанија, исто така може да се наведат повеќе примери со повисок степен на контактност, отколку што е обично позајмување на лексеми. Едно такво влијание открива Селишчев во фонетиката на македонското село Радожда (се наоѓа на западниот брег на Охридско Езеро), каде што наместо некогашниот глас О (и во други случаи) наоѓаме специфичен изговор со широко е (д), пр. рдка (од рОка). Базата на широко а во Радожда претставува (според Селишчев) гласот со таква артикулација (широко (д), во албанските говори, конкретно во елбасанскиот крај. Значи според него западноохридското д, не би требало да се разгледува изолирано.
Во Дебарско и Долнопреспанско, исто и во југозападните костурски говори, продолжува Селишчев, го среќаваме резултатот o, наместо носовката О и сек. ер" рока, могла, моска. Гласот a ((), што фактички претставува преодна фаза во развитокот на О, се лабијализирал во o, освен на споменатите македонски говори и во албански говори во дебарскиот крај и секако овие две појави во двата јазика имаат заедничка основа, но во дадениот случај тешко е да се каже од каде потекнува воздејството - заклучува Селишчев.
Се разбира дека најголемиот број позајмени зборови во едниот или во другиот јазик имаат навлезено во периодот на двојазичност, кога населението се служело со два јазика - во еден случај со албанскиот, во друг со словенскиот и така се доаѓа до т.н. јазична интерференција, кога говорителот не е во можност да ги држи одвоено двата јазика.
Иако во минатото бројот на единици од топонимиската номенклатура во Албанија со словенски корен бил релативно поголем, сепак и денеска таму се среќаваат не мал број такви називи.
Селишчев наведува, врз основа на пишани документи, повеќе словенски називи на места што денеска не се среќаваат (некои села биле разурнати, други биле преименувани со албански имиња, од трети населението се преселило). Од нив ќе претставиме само еден дел, така според документ од 13 век (12 г.), Карло Први му го подарил на севастократорот П.Гропа селото Zuadigoriza (=Света Горица) во Деволскиот крај. Во 1368 г. во грамота дадена дубровчани се споменува местото Широкии Брод (покрај местото Леш). Овие места (се разбира и некои други извлечени од документи) денеска не се во употреба.
Словенски називи (погледнато пошироко) без одредување на потесната провениенција ги има низ цела Албанија, ги забележуваме многу далеку на запад, покрај морскиот брег (што ќе рече дека дури таму стигнале словенски племиња), а така е и на север, во околината на Скадар. Таму албански називи на места наоѓаме многу малку, ориентационо, според Селишчев, на 40 словенски називи доаѓаат само 4 албански, инаку, вкупно, како што рековме во книгата на Селишчев има околу 1.200 називи со словенски корени.
Од книгата што ја анализираме узнавме дека има повеќе села со словенски имиња во кои се доселиле Албанци коишто почнале да ги именуваат со албански имиња маалата во кои се населиле, пр. во селото Осоја (во Малакастро), среќаваме неколку поалбанчени имиња на маала: Dokaj, Kamaj, uhaj, или во селото Глава (пак во Малакастро), има делови на села со албански имиња: Ajdiaj, Alkaj, Alkasaj и др.; се разбира дека има случаи кога и името на селото (а не само на деловите) се албанизирани. Се среќаваат и албански имиња на места што претставуваат превод од постари словенски имиња, пр. словенското име Чрна Гора е заменето со албанското Malii zi, или словенското име на планина Суха Гора е заменето со албанското Mali i vat, или во поалбанчената Горна Река словенизмот Бродец е заменет со албанското Vau. Има и називи што ги користеле Словените, а имале турско потекло, пр. име на рид Шимшир (Буџус, тур. ~em{ir или {em{ir - име на растение), или име на село Сердари (според тур. седрєр = началник); еве еден случај комбиниран Гора Топ (сп.турц.топ = грутка, топка). Овие примери потврдуваат дека Словените долго време ги имало во Албанија - и по затврдувањето на турската власт (15 век).
Од самите наслови, а така е и во текстовите, се забележува дека Селишчев македонското население еднаш го именува како словенско (без национална одредница), друг пат како бугарско, трет пат како македонско. Аргумент за ваквата некритичност наоѓаме во фактот дека тој и припаѓал на бугарската лингвистичка елита, поголемиот број од неговите книги се печатени во Софија, како изданија на Македонскиот научен институт: "Полог и его болгарское население" (1929), "Славвнское население в Албанци" (1931), "Македонские кодики 16-18 в." (1933). Секако не без знаење е и аргументот дека од 1930 год. А. М. Селишчев е член на Бугарската академија на науките, иако (се разбира) сосема заслужено.
(АВТОРОТ Е ПРОФЕСОР НА ФИЛОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ)

How to use Quote function: