ВЕВЧАНСКИОТ МИМ: ЧОВЕКОТ-ШТРК
Sunday, 17. August 2008, 15:19:35
„Ако е вистина дека штрковите го носат породот, тогаш ние сме пород на Силјан Штркот“, напишал поетот Блаже Конески. Којзнае дали притоа тој не го имал на ум и онај познат библиски мотив за враќањето на блудниот син, или во неговите мисли не се притаил однекаде и некој заталкан бабар престорен во штрк. А можеби, едноставно, како во поново време, и некој фантазмагоричен и заумен синкретизам во ликот на печалбарот отаде големите води со неговата Т’га за југ и вечен непребол. Во секој случај, универзалниот код на митот за постанокот и потеклото како да блескоти со сета своја чудесија од таа метафора на нашиот поет. Еден друг наш поет, оној вистински и величествен автор на големата „Т’га за југ“, Константин Миладинов, во неодминливиот Зборник, уште пред повеќе од 130 години, заедно со својот постар брат Димитрија, запишал: „Во дебарските села исцрнуваат лицата и ходат на коледе от село в село со песни и ора, имаештем црвен бајрак, со бел крст во стреде“. Зборник на Миладиновци, Кочо Рацин, Скопје, 1962, 474. А Кузман Шапкарев, во Избрани дела, IV, Мисла, Скопје, 1976, приредено од Д-р Томе Саздов, на стр. 108-109 вели: „Едно момче меѓу нив го облекуваат во невестинска кошула - везена кошула, појас, гајтан, црвена шамија, везена марама и сл., та го прават како вистинска невеста... Третиот го завиткуваат во гуња (кепе) зашиена во вид на вреќа, која ја дополнуваат со слама, така што имајќи ги само слободни рацете, нозете и главата, ќе претставува (...) фигура на четириного... тркаљаш...“
И најпосле, или можеби токму отпочеток: според кажувањата на мнозина од најстарите жители на Вевчани, старата Нова година во тој крај се прославува од памтивек. Името василичари доаѓа според една билка, по едно растение со боцки, кое жените во очи на старата Нова година го берат и од него прават китка, букет.
Таквиот букет од исушеното растение со боцки тие го стават над куќниот праг, на порти; значи, во пресрет на 13-ти, дента на Василица, таа китка, тој букет од такви исушени боцкилави цветови е врзан со црвен конец (што кај постарите било традиција) и тој букет се става во котле со вода. Наредниот ден, селото е поделено на две групи: на Горномаалци (од Горна Маала) и на Долномаалци (од Долна Маала). Во минатото помеѓу овие две групи постоел натпревар кој поубава маска ќе има, кој поубава носија ќе измисли и ако се сретнале, избивале тешки тепачки со кобни последици. (Уште една коинциденција со русалиите!-заб. моја. - Х. К.) Ова во поново време исчезнало и групите сега соработуваат помеѓу себе.
СЕМЕЈСТВОТО И ЖЕНАТА
Жената дента вади црепна (во Вевчани тоа го викаат черепна) од глина, ја грее, фрла по едно зрно пченица и кажува: „Ова зрно е за Никола!“ Ако притоа зрното отскокне, тогаш сите се радуваат. Значи: Никола е жив и здрав и ќе има бериќет и здравје во текот на годината. Таа ги спомнува сите по ред од семејството, а потоа ги вклучува и добитокот и родот. Вели: „За кравите, за овците, за коњите, за магарињата, за кокошките, за лозјето, за пченицата, за покуќнината“. Василичарите, луѓето што се облечени во носии и преправени во маски, претходно се договараат во која куќа ќе биде сместена групата. Откако ќе се договорат, се носат казани, посебно чувани за таа цел. Но не се само селаните тие кои мислат и промислуваат каква маска и носија ќе измислат. И печалбарите, во јабана, во долгите студени зимски ноќи, се обземени со истите мисли. И тие во мислите се со карневалот. И тие плетат и кројат планови низ главата Вевчанци КАРНЕВАЛОТ ГО ИМААТ КАКО УЛИЧЕН ТЕАТАР. Тоа е една претстава што трае непрекинато 48 часа и во неа длабоко смислено и содржајно се одвиваат и испреплетуваат теми, настани, мотиви, собитија од животот, од секојдневието, со живи алузии на актуелниот миг. Карневалот во Вевчани отсекогаш имал за цел со потсмев, со иронија, со еден речиси жесток цинизам да го исмее било кој режим, било која власт. Од постари жени Вевчанки потекнува една легенда, имено, едно предание за потеклото на Вевчанскиот карневал. Тоа се Неда Китановска, мажена Кочовска и Дафина, родена Калајџиска, мажена Кочовска, премажена Трпеноска. И двете живееле 86 години. Според нивната приказна најубавото момче од Вевчани, пред да замине со тајфите и кирациите на печалба, се свршило и ја зело најубавата мома во селото. Но што се случило? Работејќи на некоја висока зграда (во Белград, или Влашко) момчето паднало и си го унакажало лицето. Кога зимата печалбарите поаѓале кон Вевчани, момчето ги замолило своите другари од тафата да си ги изменат лицата, да се маскираат и да ги скријат своите убави лица, како би можела неговата свршеница полесно да свикне на неговиот нов лик, нагрден и унакажен. Така и се случило. Потоа, се разбира, тие живееле заедно, долго и среќно. Василичарите задолжително имаат невеста и зет. Во Вевчани на 13-ти и 14-ти јануари, на Стара Нова година, МАЖИТЕ СТАНУВААТ ЖЕНИ, А ЖЕНИТЕ - МАЖИ! Едните се облекуваат во женска носија, а другите во машка. Значи, главните елементи на карневалот се зетот и невестата и секогаш задолжително и групата на Горномаалци, и групата на Долномаалци, имаат по два ѓавола Едните се облечени во црно, а другите во црвено (!) Нив никој не ги познава и тие изведуваат невидени и несфатливи ѓаволштини, да речеме, на студ од минус 30° тие се бањаат голи во јазовите на Вевчани, се качуваат и јазат по дрвјата, онака облечени во црвено и црно, со маски од мртовечки глави и нарамени со вили! Притоа тие умеат да откинат и тазе исушена опашка од вол, од крава, рогови од биволи и сл. Оваа игра василичарите ја играат попладне, под селото, чекајќи ги тапаните што доаѓаат од Велешта. Тоа се двете тајфи зурлаџии и тапанари, составени од Роми и тие традиционално, отсекогаш се капарисани да свират на карневалот. Зетот, невестата, ѓаволите и сите други преправени, заедно тргнуваат со нив попладнето на 13-ти, шетајќи низ селото. Селаните со нив чинат здраво-живо и си подаваат раце, честитајќи си ја Новата година. Така, тие цела ноќ шетаат низ улиците на селото, за утредента, во претпладневните часови, и групата на Горномаалци, и групата на Долномаалци, да се сретнат средсело, со една заедничка игра и со еден заеднички оган, во кој се фрлаат маските и се откриваат сите во своите вистински, автентични лица. Вечерта, пред полноќните часови, жените месат погачи, ги ставаат во специјални шарени торбиња и со калаисани котлиња, во кои е ставена китката, букетот со василичарките, заминуваат на изворите. Таму, точно на полноќ, на преминот од Старата во Новата година, се огласуваат камбаните на селската црква Свети Никола. Доаѓа попот и ја „пее“ водата. Жените ја бркнуваат погачата и три пати се прекрстуваат, изговарајќи ги сите оние вообичаени зборови за здравје, успех и бериќет на семејството. Притоа, се разбира, особена е нагласката на печалбарите, чија судбина отсекогаш била неизвесна. Ќе откршат неколку залака од погачата и ќе стават светена вода во котлето и откако попот со китката ќе ги изговори молитвите за печалбарите и семејството, на полноќ, тие се враќаат дома. Во куќата, таа ноќ, сè е осветлено. Во минатото со борина, подоцна со газиена ламба, а сега со електрично осветление. Никој не спие. Дури ни најмалечките, освен новороденчињата, се разбира. Сите чекаат да дојде ТАА: ГЛАВАТА НА СЕМЕЈСТВОТО, ЖЕНАТА, МАЈКАТА. Во Вевчани ГЛАВА НА СЕМЕЈСТВОТО Е ЖЕНАТА. Таа поминува со ред најпрвин од домаќинот, од стопанот, кој ја бакнува китката, додека таа го прска со ајазмото, со светената вода и му посакува сè најубаво во животот и откако ќе седнат да вечераат, тогаш сите задолжително каснуваат од онаа малечка погача. По полноќ, мажите пијат, а децата си легнуваат да спијат. Што се однесува до групите на Горномаалците и Долномаалците, тие почукуваат на сечија врата, а невестата и зетот влегуваат внатре, додека василичарите со тапаните остануваат надвор со своите игри и ора. Карактеристично за нивните песни е тоа што тие не се „мрсни“ и, главно, се однесуваат на празниците Сурова и Нова година.
„...Сурова, сурова и Нова година
лошата едекавица веќе мина,
а тебе, име, тебе побратиме
празна ти пајнца, сува ти лајца
а мразурци ти растат под капајца...
Затоа од навала, затоа од завала
(ала бјала без објала)
јавни бодни низ ветрови водни
па со бела страчка оди на вражачка
да ти каже каков ум да збираш
со кој ангел и ѓавол да се разбираш“.
Петре М. Андреевски („Смртта на бабарот“, поема)
На невестата ѝ се даваат подароци, на зетот му се дава суво месо, колбаси, грав, јаболка, ореви, костени, а сето време покрај нив оди човек со вреќичка и го прибира даруваното. И едната, и другата група, од секое семејство ги добиваат овие подароци. Од насобраната храна се прави ручек и вечера за учесниците на карневалот, а парите ги собира одборот од двете маала. Тие се користат за општите добра на селото (поправки на покривот од црквата, за купување нова камбанарија, за купување нови икони во минатото; на пример, парите од василичарите се користени за плаќање на еден од последните македонски зографи Дичо Зографот, кој ја живописал црквата Свети Никола во Вевчани). Ова пеење, ова играње, оваа радост на целото село, каде 48 часа сè живо, и старо и младо, е на нозе, кога сите, речиси ло еден се преправаат како умеат и знаат, учествувајќи во огромните поворки и процесии во невидениот УЛИЧЕН ТЕАТАР, во таа чудесна поворка тргнува се кон изворот, оди на изворот од Вевчани за да ја земе светената, крстената вода, ајазмото, а кога се враќаат - се враќаат сите селани, заедно. Тоа е една голема поворка во која учествуваат 2.000 луѓе, жени и деца, момчиња и моми, старци и старици. Кој сака оди и им се придружува на василичарите. Пред сите нив одат и двата рала тапани со зурлите и зурлациите. Од насобраните пари ги плаќаат и нив. Василичарите играат два дена и две ноќи, се веселат и лудуваат, а утредента жените го прицврстуваат букетот над порти (со задолжителниот дрен за здравје) и тука тој останува до следната Нова година, до следното празнување.
Очигледно е дека овие карневалски свечености во Вевчани имаат тесна врска со црквата и дека тие, на некој начин, се канонизирани и сакрализирани. Би можело дури да се каже дека карневалот во Вевчани исклучиво му припаѓа на црквата. Има 150 години наназад како во црквата се чуваат и двата бајрака - едниот на Горна Маала и другиот на Долна Маала. Со тие бајраци и едната и другата група шетаат низ селото. Тоа е прво. Втора карактеристика е: наспроти исмејувањето на попот како лик во карневалот (особено во изминатите 50-тина години, кога сите требаше да станат атеисти-безбожници) има задолжително и поп кој носи котле и со букет василичарки ги причестува и посветува луѓето. Значи, почнувајќи од бајраците што ги чува црквата (истите имаат строго религиозна-митолошка композиција, но тие понекогаш се и вистински композити со чест симбол на кентаур, или девојка-риба и сл.), па преку крстењето на водата и собирањето на парите во црквата - сè се одвива во рамките на црквата.
Има едно интересно прашање поврзано со толку често ползуваниот симбол на црвената боја во обредот. Во Вевчани од дамнини облеката-носијата скоро исклучиво е бела. Дури и на погреб Вевчанци не носат црно. Црвената боја во Вевчани, особено на празниците, многу се користи. Ја наоѓаме насекаде и во најразновидни апликации: на ткаените ќилимчиња, на бардињата со кои се испраќаат печалбарите на гурбет, на мартинките-конците со кои се врзува букетот василичарки, насекаде црвената боја доминира. Еден друг и мошне впечатлив пример се ѓаволите на другата маала, кои секогаш се облечени во црвена облека! Сè е во знакот на црвената боја. Би можело дури да се каже без опасност од претерување дека во 100% од маските црвената боја задолжително е присутна и содржана. Се обидувавме да откриеме дали постои каква-годе врска и помеѓу русалиите и василичарите, главно, поради присутните тепачки во минатото помеѓу групите. Не најдовме ништо слично. Тоа, според многу знаци и укажувања, не е поврзано со василичарите. Во Вевчани не се памети дека василичарите се убивале меѓу себе. Но, тепање имало. Тоа многумина го објаснуваат со мотивот на компетицијата - кој подобро ќе се маскира - кој повеќе пари и подароци ќе собере - кој ќе ги освои симпатиите на народот. До ослободувањето имало тепање. По ослободувањето, власта го забранила карневалот.
Во струмичкиот карневал за време на големите тримерски пости имаме една жива и јасна алузија на еротскиот мотив. Песните што се пеат тоа јасно ни го потврдуваат. Во тој поглед, вевчанскиот карневал е мошне скуден и сиромашен. Освен оние вообичаените две-три песни за Сурова година, речиси и нема некоја посебна песна што го карактеризира карневалот. Особено нема „мрсни“ песни, т.н. „срамни“ песни. Сè се врти околу семејството и здравјето на луѓето, на блиските и печалбарите. Се разбира, тоа во поемата „Смртта на бабарот“ од Петре М. Андреевски ни оддалеку не е така. „Во неа, според д-р Атанас Вангелов, „има наместа подбивен, инвективен тон, а наместа еротски акценти и алузии“.
„Доаѓаме од кај бога и ѓавола,
а бога и ѓавола бараме;
поарно видено одошто чуено
види ни го лицето,
познај ни го срцето труено.
...
Бабарите одеа пред своите сенки,
како чадот што одеше пред својот оган
и ѕвонеа ѕвонци околу нивните појаси
и по нив капеше прецутена светлина.
...
Излези Домашару, пепел што мериш
бубашари те викаат те викаат пред снежни двери,
утре се водици за вода да се молиш
рака да ти сечат, а нога да те боли.
Море паднистани, заборавен од лани,
за да нè окопнат снеговите збрани,
речи ѝ на невестата да не диши во зима;
сегде да не нема, кај неа да нè има!“
Петре М. Андреевски („Смртта на бабарот“, поема)
Но вевчанскиот карневал, како впрочем и сите други карневали, е обред, ритуал. Ако веќе 500-600 години постојано се повторува (како што се тврди во усната традиција), тој бездруго тоа и е. Поради тоа, секако, си има и свои обредни белези, свои спецификации, то ест, свои препознатливи и востановени урнеци. Кај струмичкиот карневал, на пример, се појавуваат многу сакатници, чкулавци, кривундали. Тоа можеби е во врска со мигот за истерувањето на злите духови и враќањето на здравјето. Да си замине болеста, улерата да ја снема, плодноста да се врати, што веројатно е пандан на целокупната голема европска и светска традиција околу карневалите и тоа е сосема добро видливо. Интересно, но во Вевчани (така ни беше речено, барем) просто, како да нема сакати луѓе. Дури ни преправени на карневалот. Можеби тоа е само, така, некој биолошки, географски, антропоморфен и не знам уште каков не феномен, но не било забележано дури и во релациите на едно пошироко историско паметење - во Вевчани крив човек да се роди! Нема ни нервно растроени, тврдат добро упатените местни жители, иако е јасно, нели, во каков хаос и во какви луди времиња живееме (додаваат тие, не без подбив). Но карневалот е друга работа. Ако некој што тие треба да го претстават на карневалот криви, тој има да криви. Вевчанскиот карневал е можеби единствениот карнавал во Европа, каде и животните се јавуваат како составен и придружен дел. Да речеме, штркот. Таков случај никаде не е забележан: штрк! Сме гледале луѓе преправени во мечки, во волци. Ќе убијат луѓето мечка или волк во зимата, ќе ги препарираат и готова работа. Но штрк... За тоа, еден странски снимател, некој уметнички фотограф од Франција приредил тематска изложба за карневалите во светот, а Вевчанскиот карневал, се разбира, бил застапен со својата веќе препознатлива маскота: ЧОВЕК -ШТРК.
Кај сер Џејмс Џорџ Фрејзер, во неговото капитално и неодминливо дело „Златната гранка“, постои едно море од примери за мимикрија во еден најширок етногенетички и просторен амбиент од Европа до Океанија, па и пошироко, на целиот земјин глобус, каде метаморфозата на човекот во животно е многу застапена. Чинам дека таму не сретнав човек-штрк.
Исто така, се распрашував за тоа дали и во Вевчани е познат обичајот за чекање на Божик со Вертеп (што изгледа е сепак само градски обичај), како што тоа го споменува Драги поп Стефанија за Охрид, во предвоениот период. Ми беше одговорено дека тоа во Вевчани не е познато. Ми беше тоа потребно заради мотивот на симулацијата и рефлексијата на обредните чинодејствија во Македонија. Кај струмичкиот карневал постот Тримери е основен и централен дел на церемонијата и тоа таму јасно е нагласено. Но има многу сличности, на пример, во смисла на духот на мајтапењето и алузиите на дневните настани. Големи се сличностите во тој поглед и во Вевчани. Мајтапењето, впрочем, особено самомајтапењето, е мошне присутен и составен дел од темпераментот, менталитетот и духот на Македонецот, воопшто. Кога мојот главен информатор за вевчанскиот карневал Мишо Китановски, познат новинар и поет од Скопје, инаку роден Вевчанец и долгогодишен учесник и организатор на карневалот, го снимал документарниот филм „Василичари“ (кој, патем речено, е продаден во над 15 земји!), тој, според сопствено кажување, доживеал некои, безмалку, неверојатни, чудесни, фантастични нешта. Имено, ден спроти снимањето на филмот, му приоѓале луѓето соселани и го храбреле да не се тревожи за ништо, дека тие нема да го засрамат и изневерат, дека ќе сторат сè што е во нивната моќ и умеење за филмот да излезе што подобро, да успее, а спектаклот да биде што поатрактивен и повеличествен. Така и било. Утредента, една цела група од околу дваесетина мажи, му дошле на снимање со наполно избричени глави со цел да се претворат во што поавтентичен џган на башибозукот. Значи, кога е во прашање карневалот, луѓето се готови на сè. Тие се просто обземени, опседнати, фасцинирани со спектаклот. Тоа е еден невиден творечки грч. Да се изгледа што понеобично. Тоа е стариот порив на актерот-мим, зар не. Во еден друг случај, тие половина година плетеле џамија од прачки, плетеле минаре и внатре 10 мажи го носеле низ селото, а на минарето одозгора вртел оџа! Небаре камикази! Тие се толку ирационални во своите миметички инспирации, што напати се решени да направат и воз ако треба, па макар тој воз згора на тоа морал и на планински врв да се искатери! Тие се решени на сè. Тогаш, впрочем, и многу се пие. Секој дома вари ракија Луѓето се како дрогирани, како опијанети, како во некој постојан оган, како во транс. Кога летнала Лајка во вселената, тие и Лајка ја направиле 5 м висока!
Едно друго прашање е, исто така, важно и тоа се однесува на мајката Се добива впечаток дека мајката во Вевчани е сè. Тоа како директно да се потпира иа митот за Големата Божица Мајка од материјархално - хтоничните реликти. Во Вевчани, по традиција, (можеби и поради самото окружување) мажите (според нивното сопствено признание, кое не претендира на некаква претерана скромност) се полоши од сите други мажи на светот. Жената е столбот на семејството. Вевчанци се, всушност, деца без татковци. Вевчанските деца растат без татковци. Татковска рака врз детска глава не паднала во Вевчани. Нивните татковци биле печалбари. Тие не доаѓале дома со години. По пет-шест години. Децата растат со мајките. Според тоа, таа, мајката, е сè. Жената во карневалот нема место. Таа си е дома. Чека. Готви вечера. Пречекува гости. Ја пече погачата. Ја фрла пченицата во черепната. Во загреаната, глинена тепција ја носи светената вода. На карневалот таа е само обичен гледач. Дури и во минатото девојките не оделе на карневалот од страв пијаните василичари да не ги задеваат. Да не им сторат нешто непристојно, неасолно.
Сепак, во заднината на нашиот интерес е орфизмот. Орфизмот, покрај другото, претставува, претпочита, подразбира и некои оргијастички и баханалиски, па дури (во паганските култови) и сосема слободни, да не речеме промисквитетни чинодејствија во обредите, ако сакаме. Орфизмот, на тој начин, е директна потпора на дионизискиот, бахантскиот, винскиот, аграрниот, фалогогичниот култ на плодноста.
Јас во корените на сите тие митски остатоци го гледам она што е најосновното и највидливото: желбата за обнова, жедта по рожба, породот и во самата природа како таква и во природата на самиот човек, се разбира. Уште од древните ритуали на Деметра и Персефона во таинствените Елевсински мистерии, па и уште порано, кај оние изданоци на големата и исчезната цивилизација во лицата на Изида и Озирис и кај најстарите и веќе сосема заборавени цивилизации. Се работи, значи, во основата на сите овие култни свечености, за будењето на природата - од одењето на зимата до будењето на пролетта - и отварањето на утробата на земјата, персонифицирана преку Великата Божица Мајка, Магна Матер, која треба да создаде нов живот. Од сето тоа потекнува и таа мимикрија, во која човекот претставува еден голем митски оплодувач - тој е оној кој го фрла семето во ветерот на времето - демиургот на новиот живот, создателот на новиот свет и поредок.
Најдов дека печалбарите, исто така, во Влашко, во времето на карневалот, значи на Василица, уште од дамнини, оделе во групи и го држеле адетот.
Старината и древноста на Вевчанскиот карневал не е потврдена во книгите, во записите. Но има нешто друго. Имено, покрај усната традиција, постои и Цар Душановата грамота од 1328 година, во која се споменува Вевчани како населба. Селото е подарено на црквата Света Параскева Перивлептос од Охрид како давател на заем и издршка. Ако оттогаш Вевчани постои како развиено место и ако згора на тоа го придодадеме и фактот дека првиот дворски фотограф во Белград кој го снимал вевчанскиот карневал е роден Вевчанец (Атанасие Јовановиќ -1805 г. тогаш, тоа јасно ни дава за право да веруваме во старината на овој карневал. Впрочем, старината се огледа и во носиите, во маските, а тука е, се разбира, и усната традиција, таа духовна-мајка-хранителка на овие темни балкански простори, кадешто од забот на времето останале толку неиспитани и мрачни траги.
Карневалите во Македонија
Христо Крстевски

How to use Quote function: