Skip navigation.

Macedonian Civilization

Македонска Цивилизација - Truth about Macedonians

Втората светска војна


Втората светска војна на Балканот официјално започнала со донесувањето на одлуката на Мусолини Италија да ја нападне Грција.
На 28 октомври 1940 година италијанските сили стационирани во Албанија ја нападнале Грција.
Меѓутоа, непосредно пред италијанската агресија грчката Метаксасова власт извршила апсење и депортација на околу 2.000 најистакнати Македонци - членови на ВМРО (Обединета) и на КПГ, и ги депортирала на јужните острови од Егејското Mope, под изговор дека спроведуваат мерки на претпазливост од шпионажа.
По агресијата на италијанските сили, грчкиот режим извршил мобилизација во егејскиот дел на Македонија, при што, речиси вкупниот резервен состав го сочинувале Македонци и доселеници од Мала Азија и веднаш биле упатени во првите борбени линии на фронтот. До нападот на Германија на 6 април 1941 година врз Грција на грчко-италијанскиот фронт загинале околу 12.000 луѓе, од кои околу 5.000 биле Македонци.
Покрај тоа, италијанските авиони на 5 ноември 1940 година ја бомбардирале Битола, при што загинале 10 лица, а ранети биле 26 лица.
Тоа се првите жртви што македонскиот народ ги даде во борбата против фашизмот.

На 6 април 1941 година, по бомбардирањето на: Белград, Скопје, Битола, Штип, Велес и поважните објекти на пругата Ниш-Скопје-Солун, германските сили стационирани во Бугарија, од три правци навлегле во Македонија:
Ќустендил-Куманово-Скопје; Горна Џумаја-Штип-Велес-Охрид и Петрич-Гевгелија-Солун.
Од западната страна нападот врз Македонија го извршиле италијански сили стационирани во Албанија на охридскиот и на дебарскиот правец.

На тој начин Македонија била повторно поделена и окупирана од бугарски, од италијански и од германски сили.

На 18 април 1941 година во Македонија навлегле бугарски окупаторски сили.

За кусо време се појавиле и нивни соработници: големосрпски, големоалбански и големобугарски сили кои се ставиле во функција на окупаторите и барале од нив поддршка за остварување на своите големодржавни интереси.
Подготовките на македонскиот народ за вооружена борба започнале веднаш по навлегувањето на фашистичките вооружени сили.
На 7/8 април 1941 година, Месниот комитет (МК) на Прилеп одржал состанок на кој била утврдена определбата за вооружена борба против окупаторот.
Во текот на април 1941 година подготвителни состаноци одржале повеќе МК во Македонија.
По нападот на Германија врз Советскиот Сојуз на 22 јуни 1941 година, самоиницијативните состаноци на МК на КПЈ во Македонија го иницирале Покраинскиот комитет (ПК) кон крајот на јуни 1941 година да формира Воена комисија која ќе биде одговорна пред ПК за военото прашање.
Активностите на Воената комисија резултирале со формирањето на Скопскиот партизански одред на 22 август 1941 година.
Нешто подоцна биле формирани Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред, а на 11. октомври со нападот на жандармериската станица во Прилеп започнало планско и организирано вооружено востание на македонскиот народ.

Во почетокот на 1942 година по одржувањето на Јануарското советување Македонското националноослободително движење (НОД) се засилило, биле формирани повеќе месни воени штабови, a во јуни 1942 година, Покраинскиот воен штаб бил преименуван во Главен штаб на народноослободителните партизански одреди на Македонија [ГШ на НОПОМ).
Во март 1943 година е формирана Комунистичката партија на Македонија (КПМ) на чело со Централен комитет (ЦК).
Главниот штаб на НОПОМ е проширен и преименуван во Главен штаб на народноослободителната војска и партизански одреди на Македонија.
На тој начин биле формирани политичкото и военото раководство на МНОД и се започнало со создавање на покрупни воени формации, се создавале слободни територии, се формирале оперативни зони, обласни комитети и воени штабови, се зголемил приливот на нови борци, со што вооруженото востание прераснало во народноослободителна војна.
Во втората половина на 1943 година се одржал Преспанскиот состанок од 2-4 август, формиран е Акциониот народноослободителен комитет (АНОК) на Македонија, формиран е баталјонот "Мирче Ацев" на 18 август како прва регуларна воена единица, создаден е Иницијативен одбор за подготовка и свикување на АСНОМ, формирани се Првата македонско-косовска бригада на 11 ноември и Втората македонска бригада на 20 декември 1943 година, и веднаш потоа македонската народноослободителна војска ги започнала зимските операции.

Во меѓувреме ГШ на HOB и ПОМ го издал Манифестот до македонскиот народ.
Потоа биле одржани Фуштанското партиско советување и Основачкиот конгрес на Нароодноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ).
Во февруари 1944 година, со познатиот Февруарски поход, народноослободителната војска на Македонија извршила оперативни дејства, речиси на целата етничка територија на Македонија.
По пролетната офанзива 1944 година биле создадени покрупни слободни територии и се создале можности за свикување на Првото заседание на АСНОМ.
Во согласност со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, одлуките и решенијата на АСНОМ служат како основа за воспоставување и натамошна изградба на македонската државност.
Подготовките за конечното ослободување на Македонија ГШ на HOB и ПОМ ги започнал со реорганизација на единиците и раководствата на македонската народноослободителна војска.
Донесена е одлука да се формираат четири оперативни зони, во секоја од нив по една до две дивизии. Формиран е Главен одбор на единствениот НОФ на Македонија.
Донесена е одлука да се спроведе општа мобилизација, да се формираат и корпуси, народното стопанство да се мобилизира за логистичко обезбедување на народноослободителната војска и објавен е проглас со кој се повикуваат сите граѓани на Македонија да ја засилат борбата против фашистичките окупатори и нивните соработници.
Формирани биле седум дивизии, а во октомври 1944 година оперативните зони прераснале во корпусни и биле формирани три корпуси.

По ослободувањето на Македонија, во средината на ноември 1944 година македонската војска била реорганизирана, a 15. македонски корпус во состав од 42. и 48. дивизија, во бројна состојба од околу 25.000 борци, е испратен на Сремскиот фронт, при што учествувал во завршните операции за ослободување на Југославија.

Во борбите за пробивање на Сремскиот фронт до капитулацијата на германските сили, единиците на 15. македонски корпус имале околу 1.200 мртви, 3.369 ранети и 378 исчезнати.

Македонската народноослободителна војска во текот на четиригодишната војна водела силни вооружени борби против бугарските, италијанските и германските окупаторски сили и против нивните соработници -балистичките, четничките и ВМРО-михајловистичките контрачети.
Особено значајни биле Февруарскиот поход, Пролетната офанзива и завршните операции за ослободување на Македонија.
Мошне силен успех македонската војска постигнала во борбите при повлекувањето на германските групи-армии "Е". (ГАЕ) од Грција, чија бројна состојба изнесувала околу 350.000 луѓе.
Борбите против овие елитни германски сили траеле околу 40 дена.
Притоа, македонската војска извршила околу 200 операции, боеви и борби.
Во тој период биле запленети 15.000 парчиња германско оружје, биле уништени околу 300 моторни возила, три тенка, десетици локомотиви, вагони и друго.
Извршени биле околу 190 рушења на железнички пруги, a само во еден ден со 45 рушења се сопрени и уништени 18 германски композиции возови.
Поради сите тие дејства Германците биле принудени со две дивизии да се повлекуваат преку Албанија.
Покрај тоа, ГАЕ во борбите од октомври до ноември 1944 година во Македонија ги имале следните загуби: 421 мртви, 1.297 ранети и 571 исчезнат.
Вкупно за неполни два месеци од германскиот борбен состав биле исфрлени 2.289 војници.
Co тоа се постигнало: прво, пресечена е отстапницата на ГАЕ низ долината на Морава, второ, забавено е повлекувањето на ГАЕ за 40 дена што имало суштинско значење во завршните операции за ослободување на Југославија, трето, Македонија е ослободена со сопствени сили.
Истовремено, со разгорувањето на Војната се создавала и се развивала и Македонската народноослободителна војска.
Нејзината бројна состојба во летото 1944 година изнесувала околу 6.000 борци и старешини, во времето на ослободувањето на Македонија бројната состојба се зголемила на 66.000, на 15 јануари 1945 година имало 83.814, а во време на капитулацијата на Германија, македонската војска броела 110.000 борци и старешини.
Во текот на четиригодишното војување против фашистичките окупатори, истовремено поднесувајќи ги сите последици на геноцидната политика, македонскиот народ го втемелил својот придонес во конечната победа над фашизмот на различни начини и со бројни жртви.
Co потпишувањето на спогодбата "Кладиус - Попов", бугарската Влада се обврзала да обезбеди работна сила за рудниците во Македонија кои биле под управа на Германците. За тие потреби било ангажирано месното население.
Само во 1942 година во 700 македонски претпријатија кои работеле за германски потреби на присилна работа биле ангажирани 14.000 души.
Освен во месните претпријатија се вршела интернација на македонското население во Германија, во Италија и во Бугарија, и тоа по групи [работни дружини).
Во Германија и Италија биле упатени 19.000 луѓе, во Бугарија 25.000 и наведениве 14.000 биле ангажирани во македонските претпријатија, односно вкупно 58.000 души од Македонија биле во интернација.
Многу од таму никогаш не се вратиле.

Покрај интернацијата окупаторот вршел масовни иселувања на населението.
Започнале со иселувањето на Србите колонизирани 1918 година, а до декември 1941 година иселиле 26.451 Србин, со цел да се создаде чиста "бугарска етничка територија". Потоа ги иселувале семејствата на македонските комунисти и семејствата на оние регрути кои не се јавиле на повик да служат во бугарската окупаторска армија.
По различни основи бугарскиот окупатор само до март 1942 година од Македонија иселил 5.000 лица.
Покрај наведениве на народот особено тешко му паѓало преселувањето на цели села, од едно во друго.
Од имотот не можело да се носи ништо.
Такви преселувања најмногу имало во Кавадарската општина.
На тој начин без свои домови и огништа останале 34.000 луѓе.
Освен принудната работа, интернацијата и присилните иселувања, македонскиот народ особено тешко ги доживеал окупационите затвори и депортирањето во концентрационите логори.

Само низ скопскиот затвор "Идризово" во текот на окупацијата поминале 8.000 затвореници од кои 500 биле жени.
Поради својата непокорност македонското население било упатувано во разни фашистички концентрациони логори.
На почетокот во 1941 година ги упатувале во концентрациониот логор "Гонда вода" во Бугарија.
Таму биле депортирани околу 1.130 Македонци.
Во логорот "Св. Никола" ги депортирале жените.
Од 1.450 жени од Југославија, најголем број биле Македонки.
Целокупното безвластие и самоволие над македонскиот народ, согласно со фашистичката регулатива, го спроведувале и највисоките правни инстутиции, Касациониот суд во Софија и Воениот суд во Скопје.

Во Македонија бил формиран и Прек воен суд кој бил подвижен.
Воените судови во периодот од 1 јануари 1942 до 4 септември 1944 за различни престапи изрекле бројни пресуди:
Смртни 1590, извршени смртни пресуди 199, осудени на доживотен затвор 1.133, осудени на временски затвор 7.324.
Освен осудените, воените судови обвиниле 12.461 лице за кои се предвидувала смртна пресуда.

Според непотполните податоци на Македонската земска комисија за жртвите и страдалниците на воените злосторства на окупаторот, теророт и военото злосторство во Македонија ги имале следните последици:
убиени 5.476 души,
мачени и претепувани 8.280,
апсени и интернирани 50.414, [во таа бројка не се опфатени интернираните во месните рудници и претпријатија), вкупно 64.170 души.
Наведениве злосторства се направени врз цивилното население.

Во тие податоци не се внесени загинатите и ранетите борци над кои исто така се вршеле злосторства, па од тие причини податоците ги сметаме за непотполни.
Во извештајот на Државната комисија за утврдување на воените злосторства од страна на окупаторот и домашните издајници испратен до Владата на ФНРЈ во мај 1946 година само за бугарскиот окупатор се наведуваат 1.568 лица кои извршиле воени злосторства.
Од наведениве за 1.052 злосторници се истакнува дека се наоѓаат во Бугарија.
Од своја страна Македонската земска комисија доставила до Државната комисија на ФНРЈ одлуки за 635 домашни предавници, осудени како воени злосторници, а за кои, исто така, се претпоставува дека се во Бугарија.

Страдањата на Македонија под режимот на фашизмот, покрај наведениве жртви, го манифестираат плачкосувањата и економскиот пустош кој останал во земјата по ослободувањето.
Македонија во почетокот на 1941 година располагала со 87 разни рудници.
Од нив Германија извлекувала 155.000 тони годишно, а во исто време Бугарија во "старите" краеви произвела 53.000 тона што претставува приближно 1/3 од добиената руда од Македонија.
Според непотполно утврдените податоци, економските загуби на македонскиот народ за време на окупацијата изнесувале:

на бугарското окупационо подрачје:
а) во областа на националниот имот 235.385.649 долари,
во областа на националниот доход 231.300.547 долари.
Вкупно 466.686.196 долари по курс од 1945 година.

На италијанското окупациско подрачје загубите изнесувале:
а) во областа на националниот имот 3.023.341.859 динари;
б) во областа на националниот доход 6.631.637.870 динари.
Вкупно, 9.654.979.729 југословенски динари по курс од пред војната.

Најтешки и неповратни биле човечките жртви кои македонскиот народ ги вградил во победата над фашизмот, но и оние жртви кои го преживеале мачењето и ранувањето па како трајни инвалиди станале живи споменици на најголемото безумије во историјата на човештвото.

Вкупниот број на загинатите од Македонија во текот на Втората светска војна изнесува 33.000 жртви, вклучувајќи ги тука и преку 7.000 македонски Евреи кои бугарскиот окупатор во 1943 година ги депортирал во концентрациониот логор во Треблинка, Полска. Имајќи предвид дека македонскиот народ од сите делови на Македонија се вклучил во борбата против фашизмот, неговиот придонес во конечната победа против фашистичките сили е изразен преку следните жртви:
во вардарскиот дел загинале околу 33.000,
во егејскиот дел од Македонија загинале околу 2.730 и
во пиринскиот дел од Македонија имало околу 327 загинати.

На ова треба да се додадат и 5.000 загинати во Италијанско-грчката војна, 1940 година. Вкупно од сите делови на етничка Македонија, во борбата против фашизмот од 1940 до 1945 година загинале околу 41.057 лица.

Покрај тоа, од егејскиот дел на Македонија емигрирале околу 20.000 лица.

Македонскиот народ, покрај човечките жртви и економските загуби, и со својата толерантност придонел да се надминат сите трагедии што му ги направил окупаторот за после победата над фашизмот да започне со живот во слога и со меѓусебно признавање меѓу соседите и со соработка заради подобра иднина.
Поради таа цел, македонското највисоко раководство во име на македонскиот народ дало согласност Бугарската народна армија да влезе на територијата на Република Македонија и да учествува во завршните операции до победата над фашизмот.
Покрај тоа, на Бугарија и е простена репарацијата од 25 милиони долари која бугарскиот народ требало да и ја плати на Македонија за направените штети и воени злснсторства за време на окупацијата.

Имено, на Бледската спогодба помеѓу Тито и Георги Димитров на 1 август 1947 г, во точката 7 на Протоколот, Владата на ФНРЈ, во име на македонскиот народ, a co цел за пријателство со бугарскиот народ, се откажала од репарацијата.

Во својата долга и бурна историја исполнета со буни, востанија и војни, македонскиот народ, освен што водел самостојна борба подигнувајќи бројни востанија за ослсободување од разните окупатори, учествувал скоро во сите ослободителни борби што ги воделе соседните народи.
Се борел и во пошироки простори и тоа секогаш за правда и слобода но, ретко бил третиран за равноправен соборец.
Неговата храброст и борбеност често пати била искористувана за туѓи интереси.
Во текот на Втората светска војна во рамките на антифашистичката коалиција, Народноослободителното движење на македонскиот народ за прв пат бил третирано како равноправен сојузник.
Учествувајќи во антихитлеровската коалиција, македонскиот народ дал силен придонес во победата над фашизмот.

Човечките жртви од околу 33.000 лица и вонредно големите материјални штети го стават македонскиот народ во групата народи кои уште од почетокот на Војната јасно се определиле против фашистичкото ново уредување.
Притоа, тој се борел и за национално ослободување и за создавање на сопствена држава.
Слободата и државата што македонскиот народ ги стекнал по завршувањето на Војната и со одлуките и решенијата на Првото заседание на АСНОМ, претставуваат оживотворување на неговата повеќевековна борба.
Вложувањето на животи на најистакнатите дејци на македонскиот народ во темелите на слободата и сопствената држава трае со засилен континуитет од Разловечкото и Кресненското востание, преку илинденската епопеја, па Балканските и Првата светска војна, се до конечната победа над фашизмот во 1945 година.


My Google Pagerank

Differences between Macedonians and Greeks 05АСНОМ-ASNOM

How to use Quote function:

  1. Select some text
  2. Click on the Quote link

Write a comment

Comment
(BBcode and HTML is turned off for anonymous user comments.)

If you can't read the words, press the small reload icon.


Smilies