Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев
Sunday, December 3, 2006 11:33:35 PM
ПОГРЕБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО СЕЛО БАНИЦА
Херојската и трагична смрт на овој македонски визионер, организатор и предводник на македонското национално ослободително движење се случила на 4 мај 1903 година во селото Баница. По смртта, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, била дадена наредба неговото тело да се однесе во серската општина и таму да се погребе.
Но, и од Солун била испратена заповед телото да се врати во селото Баница и Гоце Делчев таму да биде погребан.
Три години подоцна, моштите на Гоце се ископани од страна на неговиот соборец Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во селото Баница, а во 1917 година тој самоиницијативно ги пренел во Софија.
МАКЕДОНСКИТЕ ЖЕНИ ГО ОПЛАКУВААТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Подоцна, ставени во специјален дрвен резбан саркофаг, на кој била испишана пораката "Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија", ги презела Илинденската организација. Тогаш саркофагот бил изложен во црквата "Света Недела" во Софија.
Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, сè до октомври 1946 година.
КОНЕЧНО ДОМА
Така, точно 43 години (1903-1946) по смртта на Гоце Делчев, во заеднички компромисен и толерантен договор, меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот Гоце Делчев тргнале на патешествие од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија кон Скопје.
Конечно на 10 октомври 1946 година престолнината на слободна и независна Македонија ги пречекала земните останки на големиот борец и апостол на слободата на македонскиот народ, Гоце Делчев.
Граѓаните на Скопје и околината достоинствено и со пиетет ги дочекале дрвениот саркофаг и поворката која ги придружувала моштите на великанот Гоце."Со положувањето на Гоцевите мошти во оние октомвриски денови во 1946 година, придружувани од тогаш нему достојните воени и граѓански почести, се оствари историскиот аманет на неговите соборци.
Тие мошти вечно да почиваат во престолнината на Македонија.
Од тогаш овој споменик стана македонско светилиште, место на поколение пред споменот на Гоце и на сите Гоцеви знајни и незнајни соборци и македонски страдалници.
Црквата 'Свети Спас' стана негов вечен дом, во кој Гоце заслужено почива, но таа е и храм на ширење на македонските не само духовни, културни, туку и револуционерни традиции", ќе запишат авторите на книгата.
Во светлата и долга македонска историја изложена на воени и културно-цивилизациски влијанија од Исток и од Запад вткаени се животите на многу генерации и на многу дејци од културни и од научни центри, а надареноста на поединци да одржуваат чекор со времето, се одрази врз цивилизациските придобивки на сопствената земја и на светот општо. Силното чувство на македонскиот патриотизам и свеста за посебноста на македонскиот национален идентитет беше најзначаен влог на револуционерите со особена надареност во поновата македонска историја, кои и покрај јавната верификација на нивните жртви и дела, останаа да ја делат судбината на својот неослободен народ.
Еден од плејадата на никогаш незаборавените македонски револуционери и вечни патоводители на македонскиот народ е големиот Гоце Делчев.


Anonymous # Wednesday, April 1, 2009 8:03:09 PM