КЛЕТВА КАКО ОДМАЗДА
Wednesday, 20. December 2006, 15:00:45
-обредно-магиски и социјални аспекти-
Абстракт:
Предмет на ова истражување се обредно-магиските и социјални аспекти на клетвата во рамките на македонската народна култура.
Во обредно-магискиот контекст, кој подразбира синкретичко единство на вербалната и невербалната магија, акцентот е ставен врз обредната страна на чинот на проколнувањето.
Разгледувањето на социјалните димензии е концентрирано на причините за одобрување на клетвата како механизам за возвраќање на злото.
Клучни зборови: клетва, македонска народна култура, натприродно,магија,обредна постапка, на несување на зло, одмазда, казна, вредности на заедницата, жена.
Секое соочување со злото, го поставува прашањето на вистинскиот одговор.
Одговорот на одмаздата е недвосмислен.
За зло се враќа со зло!
Ова непишано правило го познаваат сите традициски заедници, вклучувајќи ја и македонската.
Етнографските податоци сведочат за бројни и разнообразни форми на одмаздување што ја отежнува нивната класификација.
Па сепак,еден вид на поделба се покажува не само како можен, туку и како мошне значаен кога е во прашање традициската култура.
Станува збор за поделба во две групи, и основен критериум за разграничување е
отсуство/
присуство на интервенција на натприродното во возвраќањето на злото.
Во првата група се вклучуваат оние форми на одмазда кои се потпираат само врз можностите и силата на човекот додека
втората група смета на помош на натприродното.
Познато е дека митско-магиското мислење на светот, карактеристино за народната култура, подразбира постоење на една друга стварност од повисок ред која се здобива со изразита симболика на светост.
Сите случувања во нашиот профан живот кои за човекиот разум се недофатливи се толкуваат со благонаклоно или злокобно влијание на оваа сакрална стварност, која се простира надвор од границите на овоземното и видливото.
Таа располага со цел спектар на онострани моќи кои можат да ги разрешат кризните ситуации за човекот и заедницата, доколку со неа се воспостави комуникација.
По правило, комуникацијата се воспоставува по магиски пат.
Ако се има предвид ваквиот систем на мислење, сосема е разбирливо што во случај на нанесувањена зло, жртвата, која доживува кризна ситуација пар exellence, бара и очекува помош од светот на натприродното.
Иако оваа помош е клучна за постигнувањето на целта, секогаш е потребна и конкретна активност на оштетената или навредената жртва која се остварува низ обредно-магиските
формули и постапки.
Нивната примена е клучот за реализирањето на одмаздата и казнувањето на виновникот.
Една од најфреквентните форми на овој вид одмазда во традициската заедница на Македонците е проколнувањето, кое во народот е познато како фрлање на клетва. Магискиот карактер на клетвата е неспорен.
Таа се изрекува со верба во магиската моќ на зборот да ги покрене силите на оностраното да му нанесат овоземно зло на виновникот.
Оваа констатација,која акцентот го става врз вербалното, најчесто се сретнува во научната мисла.
Клетвите обилно се разгледуваат во рамките на системот на фолклорните куси жанрови, како стереотипни искази и кодирани формули, а нивната обредна страна се занемарува.
Но, теренот покажува дека вербалниот исказ, во голем број на случаеви, е проследен со определено обредно-магиско дејствие кое, моите испитаници велат, се презема
"за дафатит клетвата".
Со други зборови, дејствието се појавува во улога на гарант, кој го потврдува и засилува искажаното, не оставајќи ни трошка сомнеж во остварувањето на клетвата.
Во Македонија, вербалното привикување на злото, се појавува во придружба на повеќе обредни постапки.
Една од најчесто употребуваните е симнување на шамија или капа, што може да се толкува како една варијанта на обредната голотија која е секогаш добродојдена за остварување на комуникација со оној свет.
Разголеното тело или некој негов сегмент, кој вообичаено е покриен, ја неутрализира опозицијата природа-култура.(Раденкови¢ Љ: 1996а, 90)
Со симнувањето на така значајни облековни знаци на културата како што се шамијата или капата, оние кои проколнуваат се поставуваат "поблиску до природата", која е непресушен извор на онострани моќи.
Спротивно, носењето на обележја на културата во мигот на проколнувањето, го попречува контактот со оној свет.
За тоа најдобро зборува информацијата, според која клетвата од жена не е толку опасна,зашто таа носи прстен и обетки, за разлика од мажот кој ништо железно не носи и затоа клетвата од него многу фаќа.1
На ова толкување може да се додаде и познатата апотропејска функција на железото, кое ги одбива демоните
(Раденкови¢ Љ: 1996б, 264-269; Реник на народната митологија наМакедонците: 2000, 167-168), ублажувајќи го на тој начин посакуваниот ефект на клетвата.
Блиската средба со оностраното се постигнува и со обредно допирање на земјата, во чија утроба престојуваат демонските суштества кои ја извршуваат клетвата
(Чајканови¢: 1985, 84).
Претпоставувам дека оваа е една од причините за постапките како што е клечење на коленици или триење на голи лактови по земјата што го придружуваат чинот на проколнувањето.
Се забележува дека и во двата случаеви, во допирот со земјата се наоѓаат деловите на човековото тело кои во определена положба (свиткана нога или рака) заземаат истурена, гранична позиција.
Во оваа позиција, коленото и лактот стануваат граница која го разделува просторот на своето – човеко тело и просторот на туѓото - земја и нејзините демонски жители.
Имајќи симболичко знаење на граница, тие остваруваат улога на медијатор низ кој е возможно да се воспостави контакт меѓу световите.
Кога станува збор за коленото, релевантно е и неговото поврзување со род или сој во рамките на македонската народна култура.
Така, постапката која го акцентира коленото би можела да се толкува како повикување на мртвите предци на одмазда заради нанесеното зло на припадникот на нивниот род.
Ова толкување е во согласност со верувањето дека мртвите предци се заштитници на живите потомци, особено тогаш кога тие, по било која основа, се загрозени.
Воспоставувањето на контакт со предците е можна причина за уште една обредна постапка во која доаѓа до израз употребата на коленото.
За неа остави трага Јозеф Обремски, кој во триесеттите години на ХХ век,истражувал во Порече.
Неговиот материјал покажува дека оној кој фрлал клетва се наоѓал во седечка положба и ги триел сопствените коленици со раце за време на проколнувањето.
Во примерот што го посочувам, триењето на коленици се појавува заедно со симната шамија.(Обремски Ј: 2001а, 184)
Истата постапка ја забележав и во Малешевијата, во текот на моите минатогодишни теренски истражувања.
За илустрација, ќе наведам една животна ситуација која довела до нејзината примена во малешевското село Негрево.
Бабата на информаторката, по протерувањето на нејзиното семејство од имотот што го купиле, но немале доказ за тоа (имотот бил платен со жолтици во четири очи, без сведок), седнала пред куќата и ги триела колениците, колнејќи го измамникот и неговите најблиски:
"В коли даве доносат!
Арно да не видите".2
Вториот пример го регистрирав во селото Владимирово, каде обредното триење на коленици било применето како начин за засилување на клетвите
("Да се скапи!
Оган да го изгори!
Сите децаво еден гроб да ги тури!")
фрлени заради палење на плевна.3
Според соговорниците, и во едниот и во другиот случај клетвата ги фатила виновниците или членовите на нивните семејства кои доживеале тешки трагедии.
Во подаленото минато, составен дел на чинот на колективно проколнување била постапката на фрлање на камења на едно место, со што се формирал цел куп познат под име грамада.
Оваа мултиплицирана обредна постапка,која во ист миг ја извршувале сите мажи од селото, се применувала тогаш кога не бил познат престапникот, но и кога неговата голема моќ или општествен статус биле причина за изостанување на друга казна.
За разлика од соседните народи кај кои постои богата етнографска граѓа
(–орÚеви¢ Т:1948, 280-286; Маринов Д: 1914, 566-568; Бобев† С: 1917, ЏЦИЏ-Ц), за просторите на Македонија недостасуваат релевантни податоци.
Постоењетона грамадите е регистрирано и во Македонија (Китевски М: 1991, 22; Речникна народната митологија на Македонците, 224), но не сретнав конкретни ситуации на практикување на овој вид колективно проколнување, како што е тоа слуај со пределите во Источна Србија, Херцеговина или Бугарија.
Причина за тоа, по сé изгледа, треба да се бара во фактот што тој многу одамна исчезнал од употреба, а никој не успеал благовремено да го документира.
За време на моите теренски истражувања, преземени во период от 2000-2002 година, сосема инцидентно добивав крајно скудни информации или подобро речено сеќавања пренесувани од колено на колено,кои повеќе ја претпоставуваат отколку што ја потврдуваат употребата на колективно фрлање на каменот.
Едновремено, ми беа предочени примери кои, доведени во врска со аналогните ситуации од другите земји, упатуваат на таква помисла.
За илустрација, ќе го наведам случајот од демир хисарското село Брезово, каде селото се собрало да го проколне оној кој ја запалил плевната и таа изгорела сосе овците во неа. "Камен да се стори тој што ја запалил плевната!",
била клетвата што ја извикувале сите насобрани селани.4
Во Србија, во регинот на Омољ, слична формула,
"Да бог да се скаменио и он и дом његов и пород његов!"
била проследена со колективно фрлање на каменот или триење на камен од камен.
(–орÚеви¢ Т: 1948, 282)
Не е нелогино да се помисли дека во подамнешното минато, и во Македонија,вербалниот исказ бил засилен со некоја постапка во која употребата на каменот, имала за цел, по магиски пат, да го предизвика посакуваниот ефект.
Регистрираните грамади ја посочуваат токму постапката на фрлањето на каменот.
Инаку, оваа постапка, на нашите простори, била применувана при индивидуално колнење.
Со фрлањето на каменот, на омразен човек му се посакувало никогаш повеќе да не се врати во селото кое привремено го напушта, заради одење во војска или на печалба. Притоа се изговарала следната формула:
"Кога се камено' врне,
тогај и ти да се врнеш!"5
Од друга страна, каменот се употребувал и како средство за заштита од последиците на клетвата.
Во Кривопаланечко, жените и ден денес, кога ги колнат, земат во рака камен и велат:
"К'к камене го фане клетва,
т'к и мене да ме фане!"6
Во Битола, соопштува Тихомир Ѓорѓевиќ, жените ставале во појас камен, кога биле принудени на суд да се заколнат.
Тешко е да се каже дали во конкретниот случај тоа било направено за да се избегне казна што следува за лажно заколнување, како што претпоставува Ѓорѓевиќ
(–орÚеви¢ Т: 1984,418), или заради силната верба во моќта на клетвата да фати на место ако е изговорена во лош саат, за што подоцна повеќе ќе стане збор.
Македонската народна култура познава и низа постапки за засилување на клетвата,
кои се "позајмени" од христијанскиот ритуал.
Крстење, држење на кандило, палење на свеќа.
Најчесто, овие дејствија се применуваат во комбинација со постапките чија магиска природа е очигледна.
Во Мариово и Велешко сретнав комбинација на симнување на шамија и крстење, а во Демирхисарско симнување на шамија и држење на кандило.
Во некои предели се претпочитува палење на свеќа, заради што за местото на настанот се одбира црква со што клетвата се здобива со атрибут "божја", иако таа, во својата основа, има магиски карактер.
Потврда за оваа теза е кривопаланечката практика на колнењето.
Таму, се палат три свеќи кои се држат свртени наопаку додека не изгорат, а за тоа време се проколнува грешникот.
Со збор или само во мислите што, се верува, произведува ист ефект.
Слично е и во Малешевијата, со таа разлика што наопаку се држи една запалена свеќа и се вели или мисли типично магиска формула:
"Како се топи свеќата, он така да се топи!"7
Во Мариово, свеќата се пали на местото определено за умрените:
"Еве ваа свеќа, не е за здравје, за умрени му ја пала'нему, на тој душманот, тој шо направи -лошо(м.з.)!"8
Постојат и варијанти кај кои свеќата се пали на сосема вообиаен начин, пред иконата на некој од светците.
Во Малешевијата, на пример, светецот од кого се очекува помош во возвраќањето на злото е Св. Мино, пред чија икона најечсто се пали свеќа.
На прв поглед би се рекло дека тука воопшто не се ни работи за фрлање наклетва.
Но, доколку се поседува информација за знаењето на оваа постапка,повеќе од јасно е дека станува збор за невербална клетва, која, во овој случај,целосно е затскриена со христијанска форма.
Воопшто, присуството на христијанските елементи го засилуваат легитимитетот на клетвата и ја продлабочуваат увереноста на оние кои проколнуваат во правичноста на нивната постапка.
Во народниот светоглед, казната со која ќе се сочоат виновниците, како резултат на проколнувањето во црква, несомнено има третман на божја казна, иако тоа не е во согласност со официјалното христијанско учење.
Ова учење има нагласено негативен став кон народната клетва и не признава човечка интервенција во божјата правосудна дејност.
Казнувањето или простувањето на гревот е во исклучива надлежност на Бога.
Последниот суд се случува на оној свет, а клетвата бара овоземно зло за виновникот и/или неговите најблиски.
ххх
Се верува дека клетвата поседува опасна моќ.
Најчесто се вели дека ако криво колнеш, клетвата ќе ти се врати.
Не е заборавено ни едно етички необоено верување, според кое, клетвата автоматски се остварува ако е изговорена во "лош саат", што е во директна корелација со верувањето дека во текот на годината постои еден незнаен миг на магиска реализација.
Овој миг обино се врзува за "лошите денови", меѓу кои “предимство” му се дава на вторник, но саатот и натаму останува непознаница.
Верувањето во лош саат било толку силно вкоренето што луѓето се плашеле да се заколнат(читај самопроколнат, бидејќи клетвата била вклучена во заклетвата), и покрај тоа што нивниот исказ бил вистинит.
Претпочитале конфликтот да го решат поинаку, бидејќи “што знаеш што саат се угодува лош“ во мигот на заколнувањето.
Во мијачкото село Смилево, забележав една мошне интересна, христијанизирана варијанта на верувањето во моќта на клетвата“да фати на место”:
“Ќе поминело некое пиле Господово, ќе чуело и готово,клетвата ќе фатит, пиле летало, на момент ко' ќе проколниш, ќе речело амин и ќе се сторела клетвата.”9
Стравот од клетвата го зголемувало"сознанието" дека за нејзе не постои лек.
Таа не може да се растури, за разлика од сторената магија, за која секогаш постои надеж дека ќе биде поништена со противмагија.
Ова особено важело за родителска и кумова клетва.
Затоа се вели:
"Кумот да не те проколне" и
"Мајчина и таткова клетва наземи не паѓа".
Опасниот карактер на клетвата се согледува и во верувањето дека таа може да го казни не само виновникот, туку и сосема недолжни лица, заради што се одбегнувало колнење во децата од една страна,а нивното ставање во залог ја докажувало невиноста на обвинетиот, од друга страна.
Клетвата можела да ги стигне и сеуште неродени потомци.
Ова верување било основа за толкување на секоја несреќа, болест или неуспешно реализиран потфат во семејството.
Тие се доживувале како последица на некогаш одамна фрлена клетва врз некој далечен предок, на кого веќе му се заборавило и името, а поводот за неговото проколнување само се претпоставува.
Во времето кога вербата во опасната моќ на клетвата била силна,проколнувањето имало сосема реални последици.
Во етнографската литература на соседите се забележани низа примери на луѓе кои, чекајќи го мигот на остварување на клетвата, навистина се разболувале и умирале.
(–орÚеви¢ Т: 1948, 280; Бобев† С: 1917, С).
Од мојата збирка на приказни од теренот, го одбрав примерот на девојка-бегалка од демирхисарското село Баѕерник.
Таа била проколната од сопствената мајка да не живее ни една година повеќе од денот кога избегала да се омажи спротивно на волјата на своите родители.
По денот на фрлањето на клетвата
("Да дај Господ да необгодиниш!"),
кое било јавно и засилено со тоа што мајката симнала шамија и држела кандило додека колнела, девојката понала да венее, набргу легнала во постела и за неполна година починала.10
Цел овој комплекс на верувања, што ги потврдувале и животните приказни на проколнатите, е причина за резервираност која кај испитаниците се појавува кога на дневен ред ќе се постави клетвата.
Но, веднаш по првата нелагодност, без проблем се реди цела серија примери на грешници кои доживеале тешки несреќи како последица на проколнувањето.
Често, во раскажувањето отворено се манифестира или може да се почувствува извесна
9 Информатор: Фана Тодоровска ( род. 1912 год.) и Дуца Трошевска (род. 1939 год.) од с.Смилево
10 Информатор: Јованка Кочовска род. 1928 год. во с. Баѕерник
доза на задоволство, што е последица на уверувањето дека правдата е задоволена со тоа што клетвата го стигнала престапникот.
Со други зборови,клетва како одмазда не само што не се вреднува негативно, туку и се одобрува кога кон се посега за да му се одговори на злото.
"Не е грев да колниш ако некој ти направил нешто лошо" е доминантен став.
Вообичаената констатација"го стигна гревот" недвосмилено укажува дека фрлањето клетва се доживува како заслужена казна за претходно сторено зло.
За волја на вистината, една помала група на соговорници предлага поинакво решение: "Треба да му се остави на Господ, тој да му платит.
"Господ може да забави, но не заборава:
"Господ един пут се преобрќе у годину, овај година преобрне се он, он си се преобрќе ама ми га не видимо дексме криви, не ме стигне, па другу годину се обрне, не ме стигне, е ако самкрива, знам дек сум грешила, треќи пут ќе се преобрне па' Господ, мора даме стигне дек сум направила грешку...или на треќа или на пета, до седмугодину мора да стигне, он се не забравља.."11
Теренот покажува дека размислувањата од ваков вид обично остануваат на ниво на теорија, додека конкретни животни ситуации на соочување со злото резултираат токму со употреба на клетва.
Широк е дијапазон на активности кои се валидна причина за фрлање на клетва.
Тие се движат во оние рамки кои ги поставила народната представа за престапот или гревот, што е во народот поприсутен термин.
Според неа,третман на грев има секоја активност со која на друг човек му се нанесува зло, но и такво однесување кое, иако нема за цел никого да повреди, не е во согласност со моралните норми и важечките обрасци на однесување во заедницата.
Се колне за убиство, предавство, палење на куќа, измама, штета, кражба.
Значи, за оние злодела кои можат да се подведат под денешниот поим на злосторство или престап.
Но, исто толку е неспорна и кумова клетва во случај на негова промена без согласност. Кога се знае дека кумот имал улога на посредник меѓу светот на живите и светот на мртвите, од кои се очекувала помош во сите кризни ситуации, може да се претпостави колку силно се осудувало неговото непочитување.
Право на легитимитет има и проколнувањето на девојка-копиљарка која го посрамотила своето семејство.
Тоа станува уште поголемо ако девојката го усмрти и закопа копилето,бидејќи нејзиниот грев е извор на опасност за целото село.
Ќе го бие град или ќе биде изложено на суша, со што сериозно би можела да биде доведена во прашање егзистенцијата на целата заедница.
Сосема се одобрува и проколнувањето на оние кои ја покудиле девојката и со тоа и оневозможиледа се омажи.
Извор на нејзиното право на клетва е знаењето и улогата на бракот во традициското општество.
11 АИФ, ак бр. 3755, информатор: Олимпијада Стефановска род. 1936 год. во с. Стана, 1953год. омажена во с. Герман, Кривопаланечко
Се наоѓа разбирање дури и за проколнувањето на девојката-бегалка, која била должна да го почитува изборот на своите родители.
Заедники именител за одобрување на клетвата во сите наброени случаеви(кои не се исцрпени) е нивната опасност по воспоставените вредности и правила на однесување. Интензитетот на одобрувањето е различен.
Него го определува знаењето кое заедницата и го придава на вредноста што се крши. Како што имавме прилика да видиме, вредноста која се проценува високо, има поддршка и во народните верувања.
Се води сметка и за опсегот на нанесеното зло.
Колку повеќе луѓе биле повредени или можеле да бидат загрозени, толку е поголемо одобрувањето на клетвата.
Највисок степен на одобрување го сретнуваме кај проколнувањето на народните предавници и разни видови белјаџии од кои страда цело село.
Врз нив се фрла колективна клетва, бидејќи тие заслужуваат најстрога казна.
Ваква судбина доживеал еден Малешевец кого цело село го проколнало
("Натемаго кој ја потрупа чешмата") заради затворање на водата, што се смета за исклучително тежок грев.
Сé што било живо му помрло и од неговата куќа ни темели неостанале.12
Вториот битен момент, кој го објаснува одобрувањето и зачудуваки широка лепеза на поводи кои даваат право на клетва, е незавидна позиција на оние кои проколнуваат.
Тие посегаат по клетва, иако знаат дека таа привикува лоши сили кои можат да бидат опасни и за оној кој колне.
На тоа ги тера голема мака и тежок јад, но и нивната немоќ на друг начин да биде остварено казнувањето на виновникот.
Најчесто сретнувана причина за оваа немоќ е непостоењето на докази или недопирливоста на предизвикувчаот на злото заради неговиот висок општествен статус или поврзаност со оние кои се задолжени за извршувањето на правдата.
Во случај на непознат сторител, клетвата не била само механизам за казнување, туку и средство за откривање на виновникот.
Тоа било возможно,бидејќи проколнувањето било јавно, пред што е можно поголем аудиториум.
Реакцијата на присутните била пресуден индикатор за идентификација на сторителот на злото.
Одобрувањето на клетвата било доказ за невиност,додека оној кој се спротивставувал на колнењето, се сметал за виновен.
Се слуќувало и проколнатиот, плашејќи се од последиците на клетвата, самиот да го признае гревот.
Имало и ситуации кога за виновникот се палела свеќа во црква (невербална клетва), пред сé со намера тој да го врати украденото на местото од кај што го зел:
"Ако го достраше да го врати, ако не па' мож нешто да го снајде, ја на дете, ја на жена, ја на него си."13
Крадецот одбира меѓу овие две алтернативи, доколку му е познато дека за него е палена свеќа.
За тоа ќе се погрижи самата жртва, која за својата активност ќе го извести барем еден соселанец, што е сосема доволно вестта да стигне до оној на кого и му била наменета.
12 Информатор: Деница Цветковска (види фуснота бр.5)
13 Информатор: Борјана Тушевска (род. 1927 год.) од с. Русиново
Во категоријата на немоќните, на кои клетвата им претставува единствен начин за задоволување на правдата, посебно место им припаѓа на жените.
Испитаниците се неподелени во мислењето дека:
"Жените колнат, а мажите пцујат."
Се разбира, има и мажи кои колнат, но поретко, велат тие.
Веројатно тоа е и објаснување на верувањето за поголема и поопасна моќ на машката клетва.
За жените, клетвата е механизам по кој вообичаено посегаат кога се навредени или онеправдани.
Која е причината за прогласувањето на клетвата за типично женска реакција на злото? Една од моите соговорнички одговорот го наоѓа во женската природа:
"Жените се полоши многу,
оти жена не може да се стрпи сколај,
таа ко' ќе ја дигнат нервозите,
сé ќе накаже." 14
Се согласувам дека емоционалната реакција на жените на сé што околу нив се случува, вклучително и на неправда, поправило е поинтензивна отколку кај мажите.
Но, ставањето акцент на овој аргумент, ја сведува клетвата на средство за намалување на емоционална напнатост предизвикана со нанесување на зло.
Оваа психолошка функција се остварува и со употреба на секоја друга форма за одмазда, а нејзе подеднакво ја ползуваат и мажите.
Очигледно, потрага по причините треба да се движи во друга насока.
Во социјалната структура на традициската заедница, положбата на жените,во низа сегменти, била маргинализирана.
Еден од таквите сегменти е и правосудната дејност.
На селските собранија, на кои се разговарало за престапите и определувала казната, жените немале право да учествуваат.
Тоа значи дека нив им била ускратена дури и можност да подигнат обвинение кое би резултирало со истрага и евентуално казнување на виновникот.
И да имале такво право, сторителот на делото можел да остане неказнет.
На жената секогаш помалку и се верувало, особено кога станува збор за престап поврзан со тнр. женски морал, чие поимање е ограниено на женската физиологија.
Експлицитен пример е силувањето, кое не ретко се сметало за последица на однесувањето на жената која мора "да го викнала" или на друг начин дала повод за постапката на насилникот.
А ако е така, жената го добила тоа што го барала, и насилникот нема зошто да биде казнет.
Да се прогласи некоја жена за неморална било лесна задача, бидејќи не требало да се поседуваат никакви конкретни докази.
Фактот што таа прима посета од друг пол во отсуство на мажот било доволен знак селото да почне да плете приказни за неверност.
Кога тоа ќе се случи, наклеветената жена имала тешки маки да го отфрли обвинението. Ако има среќа, мажот ќе и дозволи да се заколне во својата невиност и на тоа ќе заврши. Во спротивно, долго време, понекогаш и цел живот, "ќе јаде ќотек".
Нејзината единствена сатисфакција е да ги проколне клеветниците.
Ваквиот развој на настаните, во повеќе наврати, ми беше предочен.
Посебен впечаток ми остави приказната за една жена од кривопаланечкото село Трново, која заради својата убавина предизвикувала желба кај припадниците на машкиот пол во селото.
На нивна несреќа, исто толку колку што била убава, таа била и неосвоива.
14 Информатор: Јанинка Богоевска (види фуснота бр. 8)
А бидејќи незадоволената желба раѓа омраза, нејзините "обожаватели" решиле да ја казнат со клевета за прељуба.
За среќа, жената успеала да се оправда пред својот маж со бацување на леб и сол, но веднаш потоа истиот тој леб го однела в црка и бакнувајќи го, ги проколнала клеветниците.
Секој од нив доживеал по некој "малер".15
Ова е само една од ситуации во кои можела да се најде жена во традициската заедница. Жената од приказната уште добро и поминала, бидејќи мажот и дозволил да се заколне. Многу почесто, тој повеќе им верува на приказните на селото, отколку на сопствената жена.
Наоѓајќи се во таква безизлезна положба, на жената не и преостанува ништо друго освен да преземе приватна одмазда.
Нејзината физчика конституција не и овозможува да се потпре на сопствената сила. Бидејќи од другите луѓе нема што да очекува, таа бара помош од светот на натприродното, со кој се комуницира по магиски пат.
Кога на тоа ќе се додаде фактот дека во традициската заедница практикувањето на магијата влегува во женска обредна активност, нема ништо пологчино од тоа таа да го најде своето место и во доменот на"самоизвршувањето на правдата".
ххх
Во традициската заедница, клетвата е механизам за реализирање на одмаздата.
Таа не само што не се вреднува негативно, туку и се одобрува кога кон неа се посега за да му се одговори на злото.
Овој одговор смета на помош на натприродните сили кои имаат моќ да ги разрешат кризните ситуации за човекот и за заедницата.
Со нив комуникацијата се воспоставува низ обредно-магиските формули и постапки, чие содејство доведува до остварувањето наклетвата.
Нивната примена е клучот за казнувањето на виновникот.
Во минатото, казната со која се соочувал проколнатиот била сосема реална(болест, лудило, смрт) заради силната верба во опасната моќ на клетвата.
Основната социјална функција на клетвата е воспоставувањето на нарушениот ред и реафирмација на доминантните вредности на заедницата.
Од знаење е и нејзината превентивна улога.
Кобните судбини на проколнатите се раскажуваат како предупредување за последиците од непочитувањето на моралните норми и важечките обрасци на однесување во заедницата.
Не треба да се пренебрегне ни психолошкиот аспект.
Употребата на клетвата го задоволува личното чувство за правда.
Ако ова чувство се совпаѓа со колективната идеја за правичност, заедницата го одобрува или барем не го осудува проколнувањето.
До ваков заклучок дојде современата бугарска етнологија (Христов П: 1992, 19-21).
Тој се покажува како релевантен и за досегашните истражувања на клетвата во рамките на македонската народна култура.
1 Информатор: Верка Николовска (род. 1942 год.) од с. Негрево, Малешевија
2 Информатор: Јелица Гошевска (род. 1938 год.) од с. Негрево
3 Информатор: Фимка Брашнарска род. 1943 год. во с. Русиново, живее во с. Владимирово
4 Информатор: Цветанка Николовска род. 1927 год. во с. Брезово
5 Информатор: Деница Цветковска (род. 1934 год.) од с. Смојмирово, Малешевија; Истатапостапка ја има забележано и Обремски во Порее ( Обремски Ј: 2001б, 82-83)
6 АИФ, ак бр. 3754, информатор: Јорданка Димова род 1934 год. во с. Варавиште, живее вос. Станци
7 Информатор: Фимка Брашнарска (види фуснота бр.3)
8 Информатор: Јанинка Богоевска род. 1924 год. во с. Жиово, каде живее до 2000 год.
Литература:Бобев† С. Ст., (1917), Б†лгарско обиаŸно с†дебно право, СбНУ, кн.
15 АИФ, м.л.бр. 3753, информатор: Нада Крстевска род. 1966 год. во с. Трново
ЏЏЏИИИ, Софи®.
–орÚеви¢ Р. Т., (1948), Село као суд у нашем народном обиајном праву, воЗборник Филозофског факултета И, Београд, стр. 267-291.
–орÚеви¢ Т., (1984), Кривине празноверице, во Наш народни живот кн. 3,Просвета, Београд.
Китевски М., (1991), На клетва лек нема, Македонска книга, Скопје.
Маринов Д., (1914), Народна в®ра и религиозни народни обиаи, СбНУ, БАН,кн. ЏЏВИИИ, Софи®.
Мос М., (1982), Физико дејство на појединца идеје смрти коју сугерише заједница,во Социологија и антропологија (1), Просвета, Београд, стр. 289-314.
Обремски Ј., (2001а), Фолклорни и етнографски материјали од Порече,Институт за старословенска култура, Матица македонска, Прилеп-Скопје.
Обремски Ј., (2001б), Македонски етносоциолошки студии, Институт за старословенска култура, Матица македонска, Прилеп-Скопје.
Раденкови¢ Љ., (1996а), Народна бајања код Јужних Словена, Просвета,Балканолошки институт САНУ, Београд.
Раденкови¢ Љ., (1996б), Симболика света у народној магији Јужних Словена,Просвета- Ниш, Балканолошки институт САНУ, Ниш.
Речник на народната митологија на Македонците (2000), редактор Т.Вражиновски, подготвиле: Т. Вражиновски, С. Зоговиќ, В.Караџоски,С.Јовановска, Б.Ристовска-Јосифовска, Институт за старословенска култура,Матица македонска, Прилеп-Скопје.
Христов П. (1992), Родителска клетва-регулатор на социална справедливост,во Б†лгарска етнографи®, год. ИИИ кн.5-6, Софи®, стр. 19-33.
Чајканови¢ В., Кумство у капи, во О магији и религији, Просвета, Београд.
Архив на Институтот за фолклор "Марко Цепенков"-Скопје
Сопствени теренски истражувања
Јелена Цветановска (Скопје, Република Македонија)

How to use Quote function: