ЕПИГРАФСКИТЕ СПОМЕНИЦИ РЕШАВААТ МНОГУ ИСТОРИСКИ ДИЛЕМИ
Tuesday, May 26, 2009 5:22:39 PM
Личните имиња на територијата на Пајонија во римскиот период" беше насловот на научниот труд на м-р Славица Бабамова од Музејот на Македонија, која го презентираше на XIII Mеѓународен конгрес за епиграфика во Оксфорд, Велика Британија, а деновиве е предаден за печат во нашата научна периодика.
"Натписите континуирано предизвикуваат интерес кај проучувачите на антиката, бидејќи тие се нашиот непосреден контакт со луѓето кои живееле пред многу стотини години. На целата територија на Република Македонија среќаваме записи на камен и на други трајни материјали, кои даваат непроценливи податоци за историјата на нашава земја.На дел од нив се испишани декрети и посвети, но најголемиот број се споменици од приватен карактер (надгробни стели или икони), каде што оние кои ги подигале ги оставале запишани своите имиња - обичај што е присутен до денес.
Територијата на која се простирало пајонското кралство станала дел од македонската држава, а потоа заедно со останатите делови на Македонија било претворено во првата римска провинција на Балканот.Поради овие причини предизвикот беше повеќеслоен, почнувајќи од фактот дека епиграфските споменици кои ги имаме во најголем број потекнуваат од римскиот период (II век пред н.е. - IV век н.е.).
Од друга страна, во рамките на епиграфиката личните имиња се најсигурниот доказ за прифаќањето или не, на туѓите влијанија, односно на зачувувањето на сопствените етнички белези", објаснува м-р Бабамова.
Како што таа понатаму вели во римскиот период во Македонија има два типа именски формули – првата е типичната македонска ономастичка формула составена од лично име и патронимик (името на таткото) во генитив, а другата ја носеле оние кои имале римско граѓанско право и според законите уживале повеќе права од останатите, а тие носеле лично име (номен), фамилијарно (гентилно) име и прекар (когномен), кој обично го избирале така што преку него си го покажувале потеклото.Во таа смисла во Стоби живеел еден функционер кој се викал Секст Корнелиј Авдолеон.
"Последново е типично пајонско име, кое го носел и еден од пајонските кралеви, а овој човек во III век го избрал за да го остави белегот на своите стари традиции. А има и такви кои ставале латински имиња за да и се додворат на власта или од помодарски побуди. Во текот на минатиот век повеќе истражувачи се занимавале со оваа проблематика, но тие секогаш не биле вклучени
во рамките на македонската антропонимија (дисциплина која се занимава со имињата на луѓето).
Имињата на луѓето најчесто биле сметани за грчки, тракиски или илирски, па аналогно на тоа и нивните носители биле сместувани во овие етнички групации.
Во текот на XX век се појавија студии кои се спротивставија на ваквите ставови (особено оние на Ф. Папазоглу), но и денес се водат полемики околу тоа од каде потекнуваат некои имиња.
Поради тоа направив преглед на имињата по долините на Вардар, Пчиња и Брегалница, со посебен осврт на етничката припадност на имињата и именските корени.
И во текот на римското владеење Македонците најмногу ги користеле македонските имиња, особено оние кои потекнувале од кралската лоза - Аминта, Филип и Александар. Се среќава и Македон/-ија како лично име и кај мажите и кај жените, а чести се, исто така, и Парамон, Дионисиј, Ѕосим и др.
На територијата што беше предмет на проучување се среќава и една група имиња кои се јавуваат поретко, но ги има на територијата на цела етничка Македонија, како Дулес, Терес, Амија, Хиона, Манта или Лика, а има и имиња кои се исклучително ретки и типични само за спомнатата област: Кесес, Амако, Мома, Сита, Кутес и Торк.
Во употреба биле и имиња од корените Мук- и Мест-, кои се застапени кај сите палеобалкански групации, но секоја од нив го приспособила во согласност со правилата на својот јазик".
Според м-р Бабамова, епиграфските споменици можат да откријат многу дилеми, како за историјата, така и за секојдневниот живот на оваа територија во антиката.
За жал, и во науката се сe уште присутни пан-тезите, а од нив ќе се ослободиме единствено преку макотрпно и упорно користење на податоците и фактите, но преку прецизната научна методологија.


ОБЈАСНУВАЊА НА М- Р СЛАВИЦА БАБАМОВА ЗА ДРЕВНИТЕ НАТПИСИ
МАКЕДОНСКО СОНЦЕ 760 / 23.1.2009