My Opera is closing 3rd of March

Macedonian Civilization

Reviews the region's history, language and culture

Subscribe to RSS feed

ИМЕТО НА СКЕНДЕРБЕГ И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО ВО ПРВИОТ ИСТОРИОГРАФСКИ ТРУД НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК


We are focused on Skenderbeg – a historical person from 15th century, Christian antiottoman
ruler, who was successfully opposing the Ottoman Empire for a long time. In
the tradition he was a hero, as a prime image in the Albanian, but also as a secondary
image in the other Balkan traditions.
We find data about him, his family and his rule in sources from different
provenience, written with different alphabets and in various languages, and originating
from Dubrovnik, Roma, Hilandar, Budim, Venetia, Milan etc.
The Macedonian revival activist (revolutionary and cultural-national activist
from 19th century) Georgia M. Pulevski was an author of the first history book in
Macedonian language. He names Skenderbeg and his family sufficiently correct, taking
into consideration the data from the sources, with Slavic names.

Се осврнуваме на името на Скендербег - историска личност од XV век,
христијански антиосмански востанички водач1, којшто успеал долго
воено да одолева на силната Турска Империја2. Од историски аспект, тој
оставил значајна трага во историјата на Албанија. Во традицијата е
предаван како славен херој, како примарен лик во албанската, но како
спореден и во некои други балкански традиции3.
За него, за неговото семејство и воопшто за неговото владеење
постојат извори од различна провениенција (латински, грчки, турски,
словенски), напишани со различни писма, на разни јазици (латински,
италијански, полски, француски, турски). Изворите се од различно
потекло (Дубровник, Рим, Хиландар, Будим, Венеција, Милано), дури и
документи од самиот Скендербег испратени до разни западни владетели.

Јован Музаки, современик и роднина на Скендербег, во својот
спис на италијански јазик „Breve momoria de li discendenti de nostra casa
Musachi“ неговиот дедо го именува „Signor Paulo Carstrioti“, од којшто се
родил „Signor Giovanni Castrioto“, односно таткото, како и неговата мајка
„Signora Voisava Tripalda“, од кои се родил „Scanderbeg“. Тој детаљно
раскажува дека во времето на Мурат II од Турците бил наречен
„Scanderbegh, che Scander vol dire Alesandro, e begh vol dir Signor“
(Радонић 1942: 1, бел. 1). Во Дополнувањето на Јовановиот спис синот
Константин пишува за „Scanderbeg“, како и за неговото семејство, за
сестрите, за враќањето на Скендербег во христијанската вера, за смртта
(на 4 декември 1466 година) итн (Радонић 1942: 230-231).

И документите на латински јазик ги потврдуваат нивните имиња.
Така, Венецијанскиот сенат се обраќа до таткото „Johannis Castrioti“
(Радонић 1942: 1), кој пак возвраќа како „Yvani Castrioti“ и „Ivan“
(Радонић 1942: 4). Сенатот уште се обраќа и на „Georgius et Stanissa
fratres, filii quondam magnifici Iuani Castrioti“ (Радонић 1942: 8) итн. На
француски јазик, во писмо до Венецијанскиот сенат татко му се
потпишува како „Juanus Castriota“, а Сенатот му пишува на „Jean
Castriota“ (Радонић 1942: 4-5).

Во други документи со латинско писмо тој е наречен и само
„Scandarbeghi“, „Scanderbeg“, „Schanderbeg“, „Scandarbego“,
„Scandarbegho“, „Scandribegi“ (Радонић 1942: 10, 14-16), но и
„Scenderbegi“ (Радонић 1942: 19). Во папски документ е наречен „Georgii
Castrioto, alias Scandebergh“ (Радонић 1942: 24), а кралот Алфонс V се
обраќа до „Georgio Castrioti“ (Радонић 1942: 26), Енеја Силвиј
Пиколомини го нарекува „Georgius Scanderbeghius“ (Радонић 1942: 227),
Donado da Lezze pi{uva za „Scanderbecco“ (Радонић 1942: 228), Антониј
Бонфиниј – „Sandorbegus“ (Радонић 1942: 229), Paulus Iovius (Giovio) –
„Georgius Castriotus Scanderbechus“ (Радонић 1942: 232), Дубровничкото
собрание пак го именува како „Schandarbeghi Castrioti“ (1446) или
„Georgios Castrioti“ (Радонић 1942: 8) (1447), само „Scanderbech“ и
„Schanderbecho“ (Радонић 1942: 17-18) (1448) итн. Биографот на
Скендербег Marinus Barletius пишува за „Joannes Castriotus“ и за
„Scandarbegus“, односно „Vita et res praeclare gestae Georgii Scandarbegi
(Zagrabiae, 1743) “ (Радонић 1942: 6).

Константин Михаил во својата Хроника (напишана на полски
јазик помеѓу 1496 и 1501) пишува за Скендербег: „ktoremu było imie
Skinder Iwanowicz“, којшто „był syn Iwanow“ (Радонић 1942: 235). И други
словенски документи пишуваат за имињата на Кастриотите, како, на пр.,
„господина Ивана“, односно во една даровница за Хиландар се јавува
„IvanÝ KastriwtÝ i sÝ sìnovi moimi Stani{omÝ i R'po{emÝ i
Kostan'dinomÝ i GÓrg1mÝ“, потпишан „господина Ивана“ (Радонић
1942: 2-3). Во еден летопис (1448) се зборува за „Скендеръ-бег“ (Радонић
1942: 18). Но неговото име се јавува и во формата „Гюрьгъ Кастриwтъ
речени Скендьръ бегь“ („Скеньдерьбегъ“) (Радонић 1942: 108-110), но
само во документите напишани од канцеларот Нинца.
Лаоник Халкокондил, пак, пишува на грчки за „Skendšrhn tÕn
'Ib£new pa‹da“ (Радонић 1942: 221).

Посебно треба да се забележи како бил запишан Скендербег во
документите што ги испраќал. Така, во писмото на Скендербег до кралот
Владислав (Кроја, 1443) се јавува како „Scandarbegus“ (Радонић 1942: 7),
но потпишан е и како „Georgius Castriotus, alias Scanderbego“ или „Georgio
Castrioto decto Scanderbego“ (Радонић 1942: 121-122).
И во изворите е забележано добивањето на новото име
Скендербег, според турската форма на името на Александар Македонски.
Така, Михаил Критовул го нарекува „Ð ¹gemÕn 'Alšxandros“ (Радонић
1942: 223). Турските извори го бележат главно како „арбанашки
господар“, „Iskender“, а понекаде и со дополнително објаснување -
„Александар дворогиот“. Турскиот хроничар Дурсун-бег го нарекува:
„Iskender-i zu-'l-ķarnein“ (Радонић 1942: 249, бел. 3), а турскиот
историограф Хоџа Сад-ед-дин: „Işkender-i-zu-'l-karneine mensub“ (Радонић
1942: 275, бел. 7) и сл.

Овојпат се осврнуваме и на начинот како се именувани Скендербег
и неговото семејство во првиот историографски труд на македонски јазик,
„Славјанско-маќедонската општа историја“, напишана од македонскиот
преродбеник (револуционер и културно-национален деец) Ѓорѓија М.
Пулевски. Одломки од овој труд, којшто е завршен пред смртта на
авторот (1893)4, се објавени во 1973 (Ристовски 1973: 321-358) и во 1974
година (Ристовски 1974: 113-257), но интегралниот текст е напечатен во
2003 година во Скопје. „Славјанско-маќедонската општа историја“
претставува првиот и најобемен засега познат ваков историографски обид
на современиот македонски јазик, со многубројни историски и
етнографски податоци и со посебен дел посветен на граматиката на
неговиот македонски литературен јазик.

Пулевски во својата Историја го глорифицира минатото на
Македонците и посебно го истакнува словенскиот елемент во македон-
ската етногенеза. Но тој пишува и за сите балкански народи, особено за
словенските што имале каква било врска со историските случувања во
Македонија. Всушност, ако се изземат некои наивни делови од
Историјата на Пулевски, како што е библиското толкување за потеклото
на Македонците и слично, се добива една многу логична концепција и
композиција на трудот: од најстарата историја на Македонија до навлегува-
њето на Турците во Европа, па сè до формирањето на националните
држави на Балканот (Ristovska–Josifovska 2007: 132-138).
Пулевски ја поставува целата конструкција на историографскиот
дел од книгата врз една своја периодизација што ја следи сè до крајот. Тој
ја прикажува македонската историја врз столбовите на големите држави
што ги обележале историските епохи на Балканот. Всушност, низ
призмата на македонската историја тој раскажува за другите народи,
јазици и држави што биле создавани на балканскиот простор, но под
сенката на големите империи: Македонското Кралство, Римската
Империја, Византија и Турската Империја.

Времето под турската власт го
претставува низ призмата на владеењето на султаните. И покрај тоа што
Пулевски ги смета за македонски владатели сите цареви и кралеви што
стоеле на чело на државите во кои влегувала и Македонија, тој сепак ги
истакнува како најсветли точки од минатото на Македонците периодите
на автохтоните држави и владетели (Ристовска-Јосифовска 2005: 347-
364).

За пишување на својата Историја Пулевски користел голем број
извори и литература. Според она што самиот го одбележува во овој
ракопис, може да се направи прилично долг список на користени дела
што можел да ги користи во библиотеките и во Софија и во Белград.
Најголемиот дел од нив се јасно посочени од Пулевски, но некои, поради
извртеното име на авторите и на нивните дела, можеме само да ги
претпоставиме. Притоа треба да се забележи дека Пулевски, освен што ги
цитира лично користените автори и дела, тој понекаде ги цитира и според
други автори. Истовремено, понекогаш изостава да го цитира својот
извор, иако преку анализа на текстот може да се утврди дека непосредно
го користел, а некогаш пак својата интерпретација ја темели не врз
изворниот текст, туку врз објаснувањата од редакторот на изданието, без
да го наведе тоа. Пулевски имал барем неколку главни дела што му
служеле како пример и му биле главни извори, но најголем дел од
споменатите автори се преземања и посредни цитирања. Податоците од
изворите што се основа на неговата книга Пулевски во голема мера ги
видоизменува и украсено ги проширува, главно без да ја промени
фактографијата. Всушност, понекаде тој се обидува да создаде некој вид
драматизација, па со својата фантазија и со приемливиот и едноставен
народски стил, успева да ги претстави настаните низ многу живи сцени,
исполнети со драматика, но и со идеја. Она што посебно го разубавува
неговото раскажување на историските настани и интересни случки е и
јазикот со којшто ги опишува - народен и близок на македонскиот
читател.

За Скендер-бег Пулевски пишува како за дел од историјата на
турската доминација на Балканот. Тој му определил и посебно место и
наслов во содржината на почетокот на книгата: „За Скендербега
Гьоргья...льист“ (Пулевски 2003: 8). Авторот на таков начин и ја
претставил содржината, наведувајќи ги не толку прецизно главните
делови, колку што се потрудил самиот да ги истакне за него важните
кажувања. Но, интригирачки е тоа што не навел на кој лист се наоѓа
текстот, а такво посебно кажување и не се наоѓа понатаму. Значи, за
Скендер-бег посветил посебно внимание, но прашањето е дали подготвил
или само имал намера да додаде посебен текст за него. Бидејќи тој и за
другите делови од ракописот има недополнети страници, може да се
толкува дека Пулевски не ја сметал за сосема завршена својата Историја.
Засега ни останува да го разгледуваме неговото раскажување за
Скендербег во рамките на последниот, петтиот дел, посветен на периодот
од доаѓањето на Турците на европска почва, па сè до крајот на XIX век,
поточно до последната историски претставена година 1889.

Со оглед на тоа што овој дел од Историјата Пулевски го
презентира низ раскажувањата за периодите на владеење на разните
турски султани, и Скендер-бег е вметнат во неговото „раскажување за
султан Мурада II-ри“ (Пулевски 2003: 527). Меѓутоа, се гледа дека за
Скендербег и неговото владеење зборува посредно, во рамките на разни
раскажувања за другите балкански владетели и нивните борби со
Турците.
Фактографските податоци за востанието се релативно коректни
(Хадри 1968: 54-109; Бислими 2001: 165-171; Грънчаровъ 2001: 42-48). На
пример, заземањето на Круја, според Пулевски, се случило на 15 јуни
1478; падот на Скадар е датиран на 26 јануари 1479 итн., а се јавува и
веста за „смърт Скендербегов на 1466-та г.“ (Пулевски 2003: 573) и сл.

Освен историските факти врз кои не можеме целосно да се
потпреме, авторот известува и за именувањето на членовите од неговото
семејство, за употребените етноними и за верската припадност.
Самиот Скендербег Пулевски него го предава како: „Скендербега
Гьоргья“ (Пулевски 2003: 8), „Скендер-бег (ильи Скандер-бег)“ (Пулевски
2003: 528), односно „Гьоргьия“ и „ Гьоргья Кастријьота, а познат по
дејствуваньето со име Скендер-бег“ (Пулевски 2003: 535).
Скендербег бил, пишува авторот, „4-ти син от албанскијьот
кньяжев Јьован Кастријьотов“ (Пулевски 2003: 528), дообјаснувајќи за
„татка му Јьован Кастријьота“ (Пулевски 2003: 535).

Пулевски објаснува и како го добил името Скендер-бег: Султанот
Мурад наводно ги убил татко му и браќата, а само Ѓорѓија го оставил жив
од родот. Како мал го изгледал според турската вера, а „на 19-та возраст
го определил во вилаетското управленије да владат, а го нарекол Скендер-
бег (кньяз Альександър)“ (Пулевски 2003: 535).
Ако се изземат од последниов исказ податоците за убиството на
Скендеровиот род, може да се каже дека Пулевски прилично точно ги
именувал членовите на Кастриотовото семејство, имајќи ги предвид
изворните податоци.

Пулевски како форми на именувањето ги навел Ѓорѓија
Кастриот, а потоа Скендербег, односно Скандарбег. Се разбира, тешко
може да се поверува дека Пулевски ги консултирал сите извори. Но
останува фактот дека тој ги именувал прилично коректно, додека
присвојноста, како, на пр., Јован Кастријотов веројатно не треба да се
сфаќа како македонско презиме, туку со тоа просто ја искажувал
конкретизацијата на Скендербег, како син на Јован Кастриот.

Очигледно е дека за Пулевски било важно да каже и дека, иако
Скендер-бег бил потурчен на султановиот двор, кога решил да го преземе
„татково си владеније, наново се завртел во христјанска вера“ (Пулевски
2003: 535). Тој исказ наоѓа потврда и во изворите што ја бележат
припадноста на Скендербег кон христијанството, како и неговиот преод
кон исламот. На пример, таткото на Скендербег во едно писмо до
Венецијанскиот сенат моли, во случај да ги нападне неговиот син, којшто
прешол во исламот („Si son fils“, „el qual e fato Turcho e Mulsamam“), да не
биде сметан за одговорен (Радонић 1942: 4). Но забележана била и
неговата христијанска вероисповед. На пример, во едно писмо од 1454
година Sceva de Curte зборува за Скендербег („Georgio Sandrebech“), за
кого вели „non ne Turcho anci e christiano Albanexe“ (Радонић 1942: 43).

Од аспект на тоа дали е претставен како историска личност или
како митски херој, третманот на Скендер-бег кај Пулевски е од чисто
историографски аспект, без митологизирање на неговиот лик. Доза на
митски призвук внесува кога го нарекува „јунак на победените
Албанези“. Но тоа, исто така, укажува и на сфаќањето на авторот за тоа
чиј примарен народен јунак е Скендербег. Потцртаното, пак, објаснување
дека Скендер-бег значи кнез Александар, односно името му е дадено
според Александар Македонски, ја истакнува славата на македонскиот
владетел, во кого се огледуваат многу личности во текот на историјата, а
тоа пак особено му било важно на Пулевски, којшто и самиот надолго
раскажува за Александра, вметнувајќи во својата Историја и верзија на
Александридата на македонски јазик од XIX век (Александрида 2005).

Несомнено е дека Пулевски го третира Скендербега како еден од
значајните антиосмански личности во историјата на балканските народи
во времето на турските завојувања на Балканот. И, како човек-учесник во
разни антиосманлиски акции, разбирливо е зошто за него било важно да
го истакне и враќањето на еден таков херој во христијанската вера, секако
именувајќи го притоа со словенските имиња. Присвојноста во
именувањето и не е својствена само за македонските именувања кај
Пулевски, туку повеќе како балкански тип на означување на родовата
припадност. За Скендербег се пишува дека е владетел на Албанија. Таква
е претставата на еден македонски автор - народен истражувач - од ХІХ
век, кој, иако во основата етноцентрист, се потрудил да биде и објективен
во пишувањето на својот историографски труд - во рамките на времето и
на околностите.

1 Првиот вооружен отпор против продорот на Османлиите во Европа го прават
македонскиот крал Волкшин и брат му деспотот Углеша, со битката на р. Марица
во 1371 година, речиси еден век пред востанието на Скендербег.
2 За одразот на востанието во Македонија: Басотова 1974: 295-309; Матковски
1983: 84-97; Бислими 2001: 82-171.
3 На пример, според П. Д. Драганов, Мијаците (за кои пишува кон крајот на XIX
век) „со аристократска гордост се сметаат за негови потомци“ (Драгановъ 1894:
106). Пишувајќи за нивната колективна меморија за својата историја и потекло,
според него, тие се уверени во своето „отмено благородно потекло“ со што се
изделувале од соседите и се сметаат себеси за „глава на своите соплеменици
Македонци“. Според Драганов, тие се по род „аристократи“, никогаш не се
ородувале со другите родови и наводно себе со гордост се нарекувале потомци на
„кнезот Ѓураѓ Кастриот“, според кого носеле црна нараменица („по великиот
паша Скендер-бег“) (Драгановъ 1888: 88).
4 Според новопронајдените архивски документи, Ѓорѓија М. Пулевски умрел на
13 февруари 1893 година (Ристовска-Јосифовска 2002: 105-107).

Литература
Александрида Македонска Александрида. 2005. Извадоци од „Славјанско-
маќедонската општа историја“ од Ѓорѓија М. Пулевски. Трансилетариција и
подготовка Блаже Ристовски и Билјана Ристовска-Јосифовска. ИНИ: Скопје.
Басотова Љ. 1974. Нашите краишта и луѓе во биографијата на Скендербег од
Марин Барлети, СИРМ: „Историја“, X/1, Скопје, 295-309.
Бислими М. 2001.Борбите на Скендер-бег со Османлиите со посебен осврт на
Македонија, ИНИ: Скопје.
Грънчаровъ С. 2001. Балканският свят, Дамян Яков: София.
Драгановъ П. 1888. Ïtnografi~eskіŸ o~erkъ slavÔnskoŸ ~asti Makedonіi,
„Izv'stіÔ Spb. slavÔnskog blagotvoritelnago obÈestva“, 2.
Драгановъ П. 1894. Македонско-Славянскій Сборникъ съ Приложеніемъ словаря.
I, С.-Петербургъ.
Матковски А. 1983. Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, IV,
Мисла: Скопје.
Пулевски, Ѓ. М. 2003. Славјанско-маќедонска општа историја. Подготовка: Блаже
Ристовски и Билјана Ристовска-Јосифовска. МАНУ: Скопје.
Радонић Ј. 1942. Ђурађ Кастриот Скендербег и Арбанија у XV веку (историска
грађа). Српска краљевска академија: Београд.
Ристовска-Јосифовска Б. 2002. Новооткриени податоци за точниот датум на
смртта на Ѓорѓија М. Пулевски, „Гласник“. ИНИ: Скопје. 46, 1, 105-107.
Ристовска-Јосифовска Б. 2005. Ѓорѓија М. Пулевски и Крсте П. Мисирков за
владеењето на Мрњавчевци, Делото на Крсте П. Мисирков (Зборник од
Меѓународниот научен собир по повод стогодишнината од излегувањето на
книгата За македонцките работи одржан во Скопје на 27-29 ноември 2003), I,
МАНУ: Скопје, 347-364.
Ristovska–Josifovska В. 2007. One Concept of Studying the Relation Balkan/Europe,
„Balcanistic Forum“ 1-2-3. Семинар за балканистични проучвания и
специялизации: Blagoevgrad, 132-138.
Ристовски Б. 1973. Неколку одломки од обемната „Славјанско-маќедонска општа
историја“ на Ѓорѓија М. Пулевски од 1892 година. „Историја“, IX, 2, СИРМ:
Скопје. 321-358.
Ристовски Б. 1974. Одбрани страници. Избор и редакција д-р Блаже Ристовски,
Македонска книга: Скопје. 113-257.
Хадри А. 1968. Преглед на албанското ослободително движење во епохата на Ѓерѓ
Кастриоти Скендербег (1443-1468). НИП „Нова Македонија“: Скопје.

Билјана Ристовска-Јосифовска
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Македонија