ФРЕСКО ЖИВОПИСОТ ОД ЦРКВИТЕ ВО СКОПЈЕ И ВО СКОПСКО ОД XII И ОД XIV ВЕК
By macedon. Thursday, 3. December 2009, 06:33:07
Активен црковен живот во Скопје и во околината се бележи и по покрстувањето на населението во текот на целиот среден век и се карактеризира со голем просперитет и големи падови во текот на натамошна неговата вековна бурна историја под византиска, бугарска, српска политичка доминација.
Монашката група сликари му посветила повеќе внимание на декоративниот изглед на претставите, нивните фигури се стројни, ниски, здепасти, со големи глави, речиси без врат, облечени во шарени одежди.
Од неодамна во Музеј на град Скопје се презентирани копии на фрески - ремек дела од живописот од повеќе скопски цркви од XII до XIV век.
Нив ги поседува Фондот на Музејот, а тоа се верни копии на оригиналите од христијанските споменици на културата.
До крајот на летото љубителите на културното наследство на едно место можат да го видат живописот од "Свети Пантелејмон" во селото Нерези, "Света Богородица" во Сушица, "Свети Никита" во Бањани, "Света Богородица" во Кучевиште, "Свети Никола" во Љуботен, "Свети Димитрија" (Марков манастир) и "Свети Андреа" на Матка.
Копиите на фреските се изработени од 50-тите до 80- тите години на XX век, а се дела на врвните кописти Ганчо Бошковски, Ѓоко Крстевски, Јелена Мацан, Спасе Спировски, Јосиф Трајковски, Никола Цанев, Здравко Блажиќ и Никола Кекеновски. Приредувач на оваа мошне значајна изложба е Снешка Лакалиска, историчар на уметноста од Музеј на град Скопје.
СВЕДОШТВО
Скопскиот регион имал богат црковен живот за што сведочат мноштво остатоци на теренот и голем број пишувани извори.
Градот Скупи во доцноантичкиот период бил седиште на епископи, кои подоцна добиле примат на митрополити на дарданската митрополија.
Во раниот среден век местото на скупските митрополити го зазеле епископите на новооснованата самостојна архиепископија Јустинијана Прима, која археолошки уште не е потврдена.
Активен црковен живот во Скопје и во околината се бележи и по покрстувањето на Словените во текот на целиот среден век и се карактеризира со голем просперитет и големи падови во текот на неговата натамошна вековна бурна историја под византиска, бугарска, српска политичка доминација.
"Црковните градби во регионот - вели авторката Лакалиска - се групирани главно во три области - во самиот град Скопје, во подножјето на Скопска Црна Гора и по долината на реката Треска.
Христијанските храмови биле убаво украсени и секогаш ги следеле новите текови и достигнувања на двете главни византиски средишта Константинопол и Солун, како во архитектурата и живописот, така и во декоративната пластика.
Музејот на град Скопје не може христијанското споменично наследство да го разгледува исклучително како физички објекти во просторот, затоа располага со збирка од 40 фреско копии, која презентира дел од богатиот фрескоживопис настанат во периодот од XII до XIV век.
Фреско копиите се дело на врвните кописти Ганчо Бошковски, Ѓоко Крстевски, Јелена Мацан, Спасе Спировски, Јосиф Трајковски, Никола Цонев, Здравко Блажиќ и Никола Кекеновски".
Според сознанијата на авторката Лакалиска, најпрепознатливиот и светски најпознат репрезент во византиското сликарство е живописот во црквата "Свети Пантелејмон", во село Нерези, дело на анонимни константинополски, образовни зографи, од 1164 година.
Се карактеризира со намален број учесници во композициите, линеаризам, реализам и драматизам во душевните доживувања, најсилно изразени во сцените "Симнување од крстот" и "Оплакување на Христос".
Живописот ги поседува сите стилски карактеристики на комненското византиско сликарство.
"Во бурниот VIII век градот Скопје е најмногу освојуван град на Балканот, повеќе пати преминува од една во друга политичка и црковна доминација.
Живописот во тој период ги следи и ги негува традиционалните решенија.
Тоа е преоден период во фреско сликарството, меѓу комненскиот и палеологовскиот стил.
Единствен претставник во скопскиот регион е црквата 'Света Богородица' во селото Сушица, кој настанала во 1282 година и се карактеризира со домнација на монументален стил, мешавина на јаки бои и светло темни контрасти - 'Марија пие вода на изобличението', 'Богородица пред првосвештеникот Захарија', 'Успение на Богородица'. Прв пат во Македонија во оваа црква сигнатурите се изведени на црковнословенски јазик", додава авторката Лакалиска.
СТИЛ
Во продолжението на своето излагање Лакалиска вели дека во живописот во новиот стил на палеолозите се прифаќа наративноста со илустрација на црковни текстови, со мноштво личности во сцените, како одраз на мислите на учените теолози. Живописот во црквата "Света Никита" од село Бањани, 1318-1320 година е типичен претставник на овој стил, дело на најпознатите средновековни зографи од Охридската сликарска школа, Михајло и Ефтихиј.
Форматот на сцените е намален, зголемен е бројот на учесниците во нив, а во позадината се раскошните фасади на сликаната архитектура: "Причестување на апостолите со леб и вино", "Качување на крстот", "Исцелувањата на Христос" и др.
"Стилот на палеолозите се чувствува и во живописот во црквата 'Света Богородица'
('Свети Спас') во село Кучевиште, кој припаѓа на првата половина на XIV век - 'Света
Богородица Елеуса и Исус Христос'.
Живописот и во оваа црква се одликува со тежнение кон наративност, зографите се обидуваат традиционалната и секогаш повторуваната иконографија да ја прошират и да ја оживеат со дополнителни сцени на пролози и епилози со што се развива приказна за настанот, така што за секоја сцена од циклусот 'Големи празници' се додадени уште една или две слики, кои ја дообјаснуваат сцената.
Живописот во црквата 'Свети Никола' во Љуботен, кој настанал во четвртата деценија на XIV век, се карактеризира со пренатрупаност од фигури, а наративноста оди во детали.
Карактеристично за овој живопис се вклучените жанр- мотиви во композициите
'Свадбата во Кана' и 'Исцелување на болниот од водена болест'.
Колоритот е ладен и светол и ги навестува новите идеи за живописот за периодот кој следува, бројот на фигурите во композициите е намален, но сепак сликите делуваат пренатрупано бидејќи формата на фигурите се наголемува, тие стојат, но без некои особени движења", вели Лакалиска.
За следните цркви Лакалиска објаснува дека во живописот на црквата "Свети Димитрија" во Марковиот манастир, настанат до 1377 година, дело на две зографски тајфи, во горните зони сликаат зоографи од Охридската сликарска школа и во
долните зони зографи од монашка школа идентификувани во регионот на Скопската митрополија - "Свети Климент" и "Свети Василие и Ангел" од композицијата
"Велика Вход".
Во живописот на Марковата заветнина во создавањето на ликовните дела школуваните зографи ја користат црковната поезија на учените теолози, а во ликовните сфаќања исихастичката еманација на божествена светлина искажана со силни бели намази, кои ги преобразуваат просторот и фигурите.
Монашката група сликари му посветила повеќе внимание на декоративниот изглед на претставите, нивните фигури се стројни, ниски, здепасти, со големи глави, речиси без врат,облечени во шарени одежди.
"Живописот на црквата 'Свети Андреја Првопозван', кај реката Треска - истакна Лакалиска - е насликан од познатите зографи митрополитот Јован и Григорие монах, а учествувал и монахот Калест Кирил, во 1489 година.
Зографите го негуваат монументалниот архаичен стил инспирирани од сликарството на VIII век, фигурите се со голем формат.
Фигурите во композициите се поставени во просторот, а не во рамнина.
Зографите направиле обид да прикажат алузија на длабочина преку разни движења и скратувања на фигурите, иако недоволно ги познаваат законите на перспективата - 'Молитва на Маслиновата гора'".
PLEASE NOTE: To view this website you will need at least
Flash Player 8 and to have to JavaScript enabled — thank you!

