ПРЕДАНИЕТО ЗА ВОДЕН - НАСЛЕДСТВО ОД АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ
Tuesday, 26. December 2006, 13:39:07
Како античко-македонски мотиви во македонските народни приказни запишани во 19. век несомнено спаѓаат и ликовите на: рисот, козите и философот
Браќа Миладиновци запишале предание за настанокот на Воден, кое фрапантно се поклопува со описот на хроничарот Јустин, иако тој ниту денес целосно не е објавен во Македониј
Продолжуваме со извадоци од мојот труд (засега необјавена книга) под работен наслов"Античко-македонското наследство во денешната македонска нација". Овде ќе презентираме уште неколку мотиви во нашите приказни и преданија, кои ни останале како наследство од античките Македонци.
РИСОТ ВО ПРИКАЗНИТЕ
Како друго животно (освен лавот) застапено во македонските народни приказни, кое најверојатно ги влече своите корени од античките времиња, претставува рисот. И рисот, според Херодот, бил многу распространето диво животно во античка Македонија, а денес речиси го нема кај нас (со ретки исклучоци по тешко пристапните планини). За распростанетоста на рисот во древните времиња кај нас сведочи и фактот што претставата на рис била главен амблем на македонското племе Линкести. Линкестите биле македонско племе од југозападна Македонија (леринско-битолскиот крај). Во историографијата тие се познати како "македонско племе на рисови" и за нив имаме податоци уште кај Тукидид и кај Страбон. Од ова гледаме дека рисот, несомнено бил често присутно животно во Македонија, така што бил прифатен како главен амблем на едно од најважните македонски племиња.
А сега, да се префрлиме во поновите времиња. Рисот се среќава и во македонските народни приказни запишани во 19 век. Да ја спомнеме приказната, запишана од Марко Цепенков, под наслов: "К'сметлијата што се сторил цар". Во оваа приказна се застапени: мечката, лавот и рисот. Нејзината содржина и не е толку битна за темава што ја обработуваме, но ќе цитираме еден дел од неа, каде што се спомнува рисот:
"- Еве што видов пријателе: дојдоа во дворот една мечка, еден арслан и еден рис, та почнаа да кажуваат кој што видел и чул. Мечката кажа едно азно што видела, арслано друзи пари кажа, рисо лек за цереа ќерка кажа и откога се раздени отидов и си ји зедов едните пари, а пак друзите и најдов и ји оставив тамо за коа ји сакам ќе си ји земам, а пак цареа ќерка ја оздравив и сега сум царев зет."
Но, врз основа на што, можеме да претпоставиме дека и рисот во оваа приказна влече корени од антиката. Индиции за ваквото тврдење има две и тоа:
1. Рековме дека рисот и навистина порано бил често диво животно во Македонија, а подоцна речиси исчезнал. Затоа е многу поверојатно тој да бил застапен во фолклорот тогаш кога почесто го имало во Македонија, отколку подоцна кога одвај дали по некој Македонец успевал да го види во природа.
2. Овде рисот е спомнат заедно со лавот, чија присутност во македонските народни приказни докажавме дека има античко-македонски корени.
Инаку, во оваа приказна најизразено дошло до израз мешањето на разните влијанија низ историјата. Освен античко-македонските елементи, застапени се и елементи од периодот на турското владеење во Македонија, како и елементи од македонската христијанска култура. Така, овде К'сметлијата се жени за царската ќерка, а за членовите на придружбата за нејзиниот татко (царот) застапени се исклучиво турски детерминирања (еќими и сл.). На крајот, во ова античко-турска мешавина се вмешува и попот, кој го врши венчањето на К'сметлијата со царевата ќерка, што значи дека таа ем била "муслиманка" (судејќи според турските детерминирања на придружбата на нејзиниот татко - царот), ем била "христијанка"(судејќи според тоа што татко & и организирал венчавка со помош на поп).
Ваквото мешање на елементи од различни времиња во иста приказна е сосема нормална појава, која трае и денес. Имам забележано дека и денес бабите или дедовците кога им раскажуваат на своите внуци народни приказни самоиницијативно вметнуваат во нив термини од современиот живот, со цел децата подобро да ги разберат. Така, на пример, ако на денешните деца, за време на раскажувањето на некоја стара приказна, им се спомнат турските грошови, децата тоа нема да го разберат. Тие одвај дали ги познаваат и денарите, а камо ли дамнешните турски грошови. Затоа, за да не се предизвикува непотребна збунетост кај децата, денешните усни раскажувачи честопати самоиницијативно, грошовите од приказната ги заменуваат со современите денари, а така е и со други архаични сегменти (имиња на градови, локалитети и друго). Истото се случува и во обредните песни. Во текстовите на коледарските песни во Штип, уште од поодамна грошовите се заменија со динарчиња, а сега веќе и со денарчиња. Секако дека ова е најголемиот доказ дека фолклорот е "жива" материја, која и натаму трпи разни модификации како што тече времето, односно и натаму интензивно "живее".
ФИЛОЗОФОТ ВО ПРИКАЗНИТЕ
За случајов што го обработуваме, ова значи дека, ако во некоја македонска приказна за лавот или за рисот, се сретне и спомнувањето на некои турски детерминирања (грошови, еќими и сл.), тоа воопшто не мора да значи дека оваа приказна е настаната за време на турското владеење со Македонија. Тоа што оваа приказна е запишана во тој период (19. век) може да значи и дека само станува збор за дополнително вметнати елементи, поврзани со дотичното совремие, во случајов со турското владеење од 19. век.
Многу интересна е појавата на философите како ликови во македонските народни приказни. Ако се знае дека философите посебна улога играле во античките времиња, многу е веројатно и нивната појава во нашите народни приказни да влече корени од античко-македонскиот фолклор. Кај Марко Цепенков се среќаваат приказните под наслов: "Философот и еќимот", "Царот, философот и берберот" и "Царот и философот". Насловите и содржините на последниве две приказни (а посебно ликот на царот што е застапен, заедно со ликот на философот) се мошне силна индиција за нивното античко-македонско потекло. Приказна во која се споменува философот (повторно во улога на најблизок придружник на царот) запишал и Кузман Шапкарев (ИИИ, приказна бр. 131).
Но, некој можеби оправдано ќе забележи дека во Македонија владееле и римските, византиските, бугарските и српските цареви. Можеби овие приказни потекнуваат од времињата на нивното владеење. Одговорот на оваа забелешка би гласел дека единствено во античка Македонија, философите и навистина биле во најблиската придружба на царевите, што не било случај со бугарските, српските, па и со византиските цареви, кои владееле со нашата земја. Што се однесува до римските цареви, точно е дека и тие имале философи во својата поблиска придружба, но во времето кога тие владееле во Македонија, античките Македонци постоеле како етничка целина, исто онаква каква што била и во времето на славната и слободна античка Македонија. Значи, дури и да претпоставиме дека овие приказни имаат потекло од времето на римската окупација на Македонија, пак античките Македонци се тие кои нив ги создале, бидејќи токму тие тогаш живееле во Македонија како компактна етничка целина.
Секако дека подоцна и овие приказни, низ вековите, доживувале разни влијанија, како што е на пример уфрлувањето на турскиот збор еќим во едната од нив и сл., но, ако ништо друго, барем ликот на философот во нив (а секако и ликот на царот) останале како елементи уште од античките времиња.
КОЗИТЕ ВО ПРЕДАНИЕТО ЗА НАСТАНОКОТ НА ВОДЕН
Во книгата: "Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија" (Македонска Цивилизација, Скопје, 1994), авторите Никола Шелдаров и Виктор Лилчиќ на стр. 29, пренесуваат извадок од страна на хроничарот Јустин (ВИИ, 1,7) во врска со заземањето на македонскиот град Ајгаи од страна на македонскиот цар Каран. Овде читаме:
"Според преданието на Јустин, Каран откога собрал војска и дошол во Македонија, врвејќи зад едно стадо кози, со помош на дождот и маглата успеал незабележано да влезе во еден град. Изгледа откако го завзел градот, тој се сетил на претскажувањето и тука го поставил својот престол. Градот го нарекол Ајгаи. Оттогаш во сите војнички походи пред единиците настапувале кози, а Каран откако ги изгонил непријателските кнезови, ги обединил племињата и го основал македонското кралство."
Браќата Миладиновци, во својот Зборник (стр. 503), во поглавието "Преданија" за настанокот за градот Воден, го запишале следново предание:
"ВОДЕН. Воден, град каде се закопвеха македонските цареви, окрепен од природата, вељат че во време од некоја војна беше се презел од непријателите, после далго опколисвање, со помошча од козите, кои им показаха скришно патче, по кое тие обикновено се качвеха и по кое непријателите влезоха в крепоста. "
Фрапантната идентичност помеѓу расказот на Јустин и ова предание, запишано во средината на 19. век, нема потреба од никаков коментар. Се надевам дека некому нема да му текне да се обиде да ја "објасни" оваа подударност со "тврдење" дека нашите неписмени баби од средината на 19 век го познавале делото на Јустин, па откако убаво го простудирале истото, им текнало да го создадат ова предание. Ваквиот коментар навистина би бил крајно несериозен, но друг и нема, освен оној дека ова предание уште од античките времиња се задржало до денешниве генерации Македонци како директно културно наследство од нашите антички предци. Инаку, колку што знам, Јустин и денес не е преведен кај нас, а камоли во времето на мрачните турски вилаети на Балканот во средината на 19 век.
Што се однесува до козите, се знае дека нив ги има и на античко-македонските пари, како што се, на пример: реверсот на тетрадрахмите на Александар Први (Шелдаров-Лилчиќ, стр. 117-118), реверсот на една бронзена монета на Филип Петти (Шелдаров-Лилчиќ, цит. дело, стр. 172) и други. Нивната појава на македонските пари е мошне силна индиција за претпоставката дека расказот од Јустин и навистина се случил.
Иако, Ајгај (Еге) и Воден најверојатно биле блиски соседни градови, долго време се сметало дека станува збор за ист град - прва престолнина на Македонската држава. Тоа го тврдел и Јустин, кој живеел отприлика во првиот век од Христа, а некои истражувачи така сметаат и денес.


Anonymous # 10. March 2009, 12:38
ООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООООК!!!!!!!!!! :)
Anonymous # 10. March 2009, 12:39
:( :) :@